Ректорот Јанкуловски: Улогата на докторите во секој здравствен систем, па и во нашиот, е од витално значење!

by fokus

Ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски, во неговото интервју за списанието „Vox Medici“, кое го издава Лекарската комора на Македонија дава детални одговори во однос на неговата функција, предизвиците со кои се соочува, и секако говори за актуелниот период на ковид-криза во земјава. Потенцира дека Медицинскиот факултет во Скоје ги стави на располагање сите свои ресурси.

– Во услови на ковид пандемијата, сите можни ресурси на Факултетот веднаш беа ставени на располагање на надлежните институции. Институтот за судска медицина и криминалистика се акредитира за спроведување на PCR тестирања за дијагноза на SARS CoV2 вирусот, а лабораториите на Институтот за имунобиологија и хумана генетика и Институтот за медицинска и експериментална биохемија започнаа со серолошки тестирања, со што Медицинскиот факултет активно се вклучи уште од самиот почеток на пандемијата во скринингот на населението на корона вирусот. Исто така, студентите на последните години од додипломските студии на насоката општа медицина веднаш беа активно вклучени во епидемиолошките служби за спроведување на епидемилошките анкети, а дел од студентите и специјализантите беа распределени во ковид центрите ширум земјата, како поддршка и помош на тимовите за справување со кризата. Медицинскиот факултет за многу кус период се прилагоди на новонастанатите услови на функционирање во време на пандемија и во однос на изведување на наставата. Изведувањето на наставата веднаш се префрли на online платформите, но истовремено беше набавена заштитна опрема за студентите и вработените со цел непречено вршење на високообразовната и здравствена дејност.

Јанкуловски, како професор од Медицинскиот факултет, зборува и за неговата визија за воведување на новини во функционирањето на Медицинскиот факултет.

-Една од основните стратегиски цели за развој на Медицински факултет како составен дел на УКИМ е континуираното вложување на средства, работен ангажман и ентузијазам, со јасна визија и идеи за осовременување на Факултетот во наставната, здравствено-апликативната и
научноистражувачката дејност. Медицинскиот факултет,како најстара здравствена високообразовна установа во
државата, има голема одговорност за одржување на нивото и квалитетот во наставата и пренесување на знаењето на помладите генерации. Нашата основна должност е да едуцираме доктори по медицина кои ќе имаат современи теоретски и практични знаења и вештини, применливи во здравствениот систем во државата и светот. Негова мисија е да го одржува постигнатиот квалитет и постојано да го подобрува во сите области на својата дејност, со што се потврдува неговата референтна позиција во државата и придонес со исклучителни резултати во националната, регионалната и меѓународната заедница. Медицинскиот факултет веќе 74 години едуцира доктори по медицина и со тоа претставува столб на здравствениот систем во нашата држава. Нашите кадри се докажани стручњаци во државата и надвор од неа што е потврда за квалитетот на студиите на најстариот Медицински факултет во државата. За целиот овој период од неговото формирање во 1947 година, Медицинскиот факултет ги прилагодува и усогласува студиските програми со европскиот образовен систем и затоа дипломите од Медицинскиот факултет при УКИМ се препознатливи и признаени во Европа и светот. Тоа на што сметам дека треба да се посвети уште повеќе внимание е практичната обука на студентите и специјализантите. За таа цел, потребно е да се инвестира во осовременување на лабораториите за практична обука на студентите во првите три години од студиите и особен акцент треба да се стави на клиничката практична обука за студентите од четврта – шеста година на студиите. За сето ова е потребно инвестиција во инфраструктура, опрема, но и кадар. Со добра организација на здравствениот систем,каде во терцијарното здравство ќе стигнуваат само оние случаи (пациенти) кои навистина треба да се прегледуваат и третираат во универзитетските клиники, вработените во терциерното здравство, кои воедно се и наставен кадар на
Медицинскиот факултет, ќе можат многу повеќе да се посветат на практичната едукација на студентите и специјализантите. Сметам дека оваа промена ќе овозможи докторите по
медицина да стекнат практични вештини и компетенции со кои ќе може посамостојно и поефикасно да ја практикуваат
својата професија, вели ректорот.

Тој зборува и за акутните проблеми
со кои се соочува Универзитетот.

-Сите акутни проблеми со кои се соочува Универзитетот се врзани со недостатокот на финансиски средства кои се неопходни за обезбедување на неопходните човечки и материјални ресурси нужни за секојдневното работење и за развојот на Универзитетот во сите негови сфери.
Неадекватното финансирање на УКИМ, посебно во делот на научноистражувачката дејност и платите на професорите,
ограничувањата на трезорското работење, повеќегодишното необезбедување на научен подмладок поради обезбедување на проста репродукција на академскиот кадар се ограничувачки фактори кои секојдневно сме принудени да ги бајпасираме со цел за непречено одвивање на процесите и активностите. Но, за жал, тоа се само привремени решенија.
Верувајте, не застануваме и не се задоволуваме со привремените решенија, туку сме најстојчиви во нашите барања овие акутни прашања да резултираат со трајно и системско решение, вели Јанкуловски.

Ректорот Јанкуловски ја поздравува пожртвуваноста на здравствените работници.

– Иако има доста предизвици да се биде доктор денес, почнувајќи од невреднувањето на трудот на лекарите, сѐ до нарушената општествена почит, па дури и чести инциденти и напади, сепак лекарската професија носи во себе нешто благородно, високо и би рекол, свето. Тоа е самата природа на нашата работа – да се помогне на друг човек тогаш кога најмногу му треба. Да, сите имаме реални потреби, но врвната сатисфакција од нашата работа е токму благодарноста и вреди силната посветеност на секој еден доктор. Улогата на докторите во секој здравствен систем, па и во нашиот, е од витално значење. Тие се основните двигатели и главната алка во здравствениот ланец, без нив напредокот и унапредувањето на здравството се невозможни. Во оваа прилика, ја поздравувам пожртвуваноста и посветеноста на нашите здравствени работници во овие вонредни услови и им се заблагодарувам за несебичниот придонес којшто секојдневно го даваат во борбата со пандемијата, истакнува ректорот Јанкуловски во интервјуто за „Vox Medici“.

Поврзани новости