Благо опаѓање на бројот на новозаразени од Ковид-19, вакцинацијата продолжува

by fokus

Благо намалување на бројот на позитивни на коронавирусот се бележи во државава. Во текот на вчерашниот ден беа регистрирани нови 1 092 случаи, од 5 569 тестирани, но и 2003 оздравени. Во меѓувреме, продолжува процесот на имунизација. Се вакцинираат приоритетни групи од т.н. критична инфраструктура – луѓе кои имаат многу контакти во работата и повозрасните лица.

Од критичната инфраструктура, вчера со „Спутник В“ се вакцинираа воспитувачките и вработените во градинките и учлиштата, но и пожарникарите, кои, исто така, спаѓаат во приоритетните групи.

Имунизацијата тече и во останатите вакцинални пунктови во земјава со вакцината на Астра Зенека, која ја примаат лицата над 77 години, а во тек е пријавување кај матичните лекари и на граѓани на возраст над 75 години, кои ќе бидат вакцинирани со оваа вакцина.

Министерот за здравство Венко Филипче вчера преку својот фејсбук-профил апелираше граѓаните да се пријават за вакцинација со цел побрзо надминување на пандемијата предизвикана од коронавирусот.

– Сега е време да придонесеме за побрзо надминување на пандемијата со коронавирусот. Процесот на имунизација е пред нас и само со вакцинација на голем број граѓани ќе успееме да стекнеме колективен имунитет. Пријави се за вакцинација денес. vakcinacija.mk, напиша министерот Филипче на Фејсбук.

Поврзани новости