Рекорден број на активни случаи на вирусот во Кавадарци и Неготино

by fokus

Во Кавадарци денес повторно е регистриран висок број на инфицирани со корона вирус. Од ЦЈЗ Кавадарци јавуваат за 31 нов случај, лица на возраст од девет до 78 години, а двајца пациенти биле хоспитализирани на ковид одделението во болницата, поради влошена состојба.

Помеѓу позитивните има една наставничка која предавала во основно училиште во Сирково, Росоман, каде беше одобрена настава со физичко присуство на учениците. Поради случајот, 15 ученици се во изолација, како и шест наставници и двајца хигиеничари.

Во Неготино, има осум нови случаи на вирусот. Станува збор за лица на возраст од 54 до 79 години. Според последните податоци од МЗ, во Кавадарци се активни над 200 случаи, односно 239, што е рекорд од почетокот на пандемијата.

И во Неготино има рекорден број на позитивни од почетокот на пандемијата, односно активни се 84 случаи. На ковид одделението во кавадаречката болница се хоспитализирани 22 лица, а пациент од Кавадарци на возраст од 78 години починал.

Вики Клинчарова

Поврзани новости