Разумен сомнеж: ТИРАНИЈА ПРЕД ПОРТИТЕ

by fokus

Права се одземаат и се кршат најлесно токму во вакви времиња, а потоа тешко или речиси никогаш не се враќаат. А тие што се подготвени да си жртвуваат есенцијални слободи за малку привремена безбедност, не заслужуваат ниту слобода, ниту безбедност!

Јанаки МИТРОВСКИ

И кај нас ќе почнат да се применуваат фашистички, стигматизирачки и крајно дискриминирачки мерки, да не се дозволува влез во затворено за невакцинирани граѓани. Овие мерки се неоправдани и спорни од многу аспекти. Тргнете од тоа дека сакате да се вакцинирате, а во Македонија нема доволен број вакцини, и истите дојдоа со месеци задоцнување. Продолжете со тоа дека мерките се нелогични, бидејќи и вакцинираните можат да се заразат и да го пренесат вирусот, што по некоја извртена логика, од тој аспект ги прави поопасни од невакцинираните.

НЕБУЛОЗИТЕ ВО ВЛАДИНИОТ ПРЕДЛОГ

Владините мерки велат дека во угостителските објекти ќе има редарска служба, организирана од самите објекти, која ќе контролира дали поседувате сертификат за вакцинација. Како ќе знае редарот дека е тоа токму мојот сeртификат? Ќе ме легитимира со лична карта, а не е овластено службено лице да легитимира? Ова се само дел од небулозите содржани во новиот владин предлог.

Верувам секому му е јасно дека датумот 16 август за почеток на овие квази мерки не е случајно одбран. Баш викендот пред шеснаесетти ќе се одржува прославата за дваесетгодишнината од Рамковниот договор, а не дај боже, таа да биде откажана или одложена. Едноставно, ДУИ си е привилегиран субјект, кој наметнува темпо како треба да функционира државата, по секоја цена. За нив ни мерки важат, ни ковид постои.

Веќе пишував како овие мерки кршат неколку базични уставни, но и меѓународно гарантирани права, како и дека се во колизија со Универзалната декларација за човекови права, која гарантира слобода на движење во границите на земјата, како и право на напуштање на земјата и враќање во неа. И секако, и правото на здравје е едно од основните права, но и тоа право државата е должна да ми го обезбеди без да гази по останатите, исто толку важни права.

ЈУГОСЛАВИЈА И ВАРИОЛА ВЕРАТА

Југославија помина епидемија на вариола вера. Осумнаесет милиони граѓани беа вакцинирани за еден месец, затоа што веруваа на државата, нормално комбинирано со фактот дека се работеше за комунистички режим. Никој мене не ме принуди двете деца да си ги вацинирам од морбили, на пример. Сам ги однесов на лекар. Ама никој и не водеше највалкана кампања на интимидација, уценувања или доделување лотариии забога. И воопшто не е случајно што има толку низок степен на целосно вакцинирани, не само кај нас, туку и во светот.

За мене барем е евидентно дека овие мерки, кои немаат никаква логика, а за што говореа и неколку доктори кај нас, се наменети за контрола на популација, а не за справување со пандемија. Права се одземаат и се кршат најлесно токму во вакви времиња, а потоа тешко или речиси никогаш не се враќаат. А тие што се подготвени да си жртвуваат есенцијални слободи за малку привремена безбедност, не заслужуваат ниту слобода, ниту безбедност!

Поврзани новости