Може да се гласа со лични документи со старото име на државата

by fokus

На 3.480 избирачки места во земјава денеска на седмите претседателски избори можат да гласаат 1.814.317 граѓани запишани во избирачкиот список.

Гласачките места ќе бидат отворени од седум до 19 часот. По затворањето на избирачките места ќе можат да гласаат само лицата кои во тој момент се затекнале во објектот каде што се гласа.

Право на глас има секое лице кое е запишано во изводот од избирачкиот список и поседува важечка лична карта или пасош.
Ќе можат да гласаат и граѓаните кои не успеаја да ги сменат личните документи со името Северна Македонија, согласно Преспанскиот договор. Бидејќи државата не успеа навреме да го организира процесот на замена на документите на сите државјани, Собранието донесе закон со кој се дозволи гласање на овие избори со стари лични документи.

Гласањето се врши лично.

По доаѓањето на избирачкото место на граѓанинот најнапред му се проверуваат документите за лична идентификација, и тој се потпишува во изводот од Избирачкиот список. Потоа член на избирачкиот одбор му издава гласачко ливче на кое на предната страна мора да му стави печат.

Освен важечка лична карта или пасош за гласање не се прифаќаат документи како возачка дозвола, здравствена книшка, ученичка и студентска легитимација и друго.

Според упатствата на Државната изборна комисија (ДИК), при утврдување на личниот идентитет, гласачот е должен пред избирачкиот одбор да се претстави на начин на кој е претставен на фотографијата на документот за лична идентификација. Претставниците на подносителите на листите и акредитираните набљудувачи можат од непосредна близина да го следат утврдувањето на идентитетот на избирачот.

Ако избирачот кој се наоѓа во списокот е неписмен или има физички недостаток тој ќе стави отпечаток од десниот показалец на местото резервирано за потпис во изводот од избирачкиот список.

Поврзани новости