Разрешен судија се предлага за нов член на Судскиот совет!

Поранешниот судија во гостиварскиот суд Сејфула Османи, за кого своевремено било донесено решение за разрешување од судиската функција поради нестручно и несовесно работење, е во конкуренција за нов член на Судскиот совет.

by vlatko 15:11
15:11

Во најтесна трка за нов член на Судскиот совет влезе поранешен судија, кој своевремено бил разрешен од судиската функција поради нестручно и несовесно работење. Станува збор за Сејфула Османи, кој бил судија во Основниот суд-Гостивар се до 18.01.2010 година, кога Судскиот совет носи Решение со кое му се утврдува престанок на судиската функција по негово барање.

Арно ама, во ова Решение објавено во Службен весник на 20.01.2010 година, се наведува дека Судскиот совет утврдил престанок на функцијата на Османи, откако претходно (02.12.2009) било донесено Решение за негово разрешување поради „нестручно и несовесно вршење на судиската функција“.

Имено, тој е еден од двајцата кандидати за нов член на Судскиот совет заедно со Арбер Исаку, кои собраниската Комисија за избори и именувања ги издвои од поширок список и ги предложи до Собранието на гласање.

Иако точката за гласање за нов член на Судски совет беше на дневен ред на денешната 94-та парламентарна седница, сепак, за неа воопшто не беше отворена расправа, што предизвика реакција од албанската опозиција предводена од ДУИ, од каде прашаа дали во позадина се прават одредени калкулации околу кандидатите?

Во извештајот изготвен од Комисијата за избори и именувања, потпишан од известителот Дафина Стојановска од ВМРО-ДПМНЕ и доставен до спикерот Африм Гаши, меѓу другото, стои дека по објавувањето на огласот на 02.02.2026 година за нов член на Судски совет се пријавиле 10 кандидати, од кои 6 ги исполнувале условите и доставиле комплетна документација.

Притоа, во извештајот дополнително се наведува дека од овие 6 кандидати, на јавна расправа пред матичната собраниската комисија настапиле петмина, односно веќе споменатите Османи и Исаку, како и Сабедин Даути, Фејзи Џафери и Фадил Џелили.

На крајот, на предлог на Беким Ќоку од ВЛЕН, Комисијата утврди предлог-листа со двајца кандидати, при што прво е наведен Османи, доктор по правни науки од Градец, Врапчиште, а потоа е наведен Исаку, дипломиран правник со положен правосуден испит од Тетово.

Меѓутоа, на денешната собраниска седница не дојде до гласање за предлог кандидатите по наведениот редослед, односно прво за Османи, па ако нема доволно гласови за него потоа на ред би дошол Исаку, веројатно и поради тоа што немаше Бадентерово мнозинство.

Во биографијата што ја доставил до пратениците, Османи, покрај останатото, навел дека е вработен на Факултетот за правни науки при струшкиот универзитет и дека работи како адвокат, додека во мотивационото писмо посочил дека е експерт по меѓународно право.

„Како поранешен судија непосредно сум ја извршувал функцијата со високо чувство на одговорност, почитување на принципите на независност и непристрасност, како адвокат сум се залагал за доследна примена на процесните гаранции и заштита на човековите права…“, навел Османи.

По завршувањето на мандатот на Селим Адеми, собраниската Комисија за избори и именувања на крајот на ланската 2025 година за нов член на Судскиот совет предложи советник за прекршоци во тетовската полиција.

Но, по реакциите на јавноста и на невладиниот сектор, овој предлог не се најде на пленарна седница, па беше објавен нов оглас, откако во меѓувреме беше донесен и новиот Закон за судски совет, кој предвидува построги правила и критериуми во делот на работно искуство и научна работа, а се бараат и препораки.

Токму според новиот Закон, се спроведува постапката за избор на нов член, каде во конкуренција влезе и професорот и адвокат Османи, кој своевремено прво бил разрешен од судиската функција, по што на негово барање му е утврден престанок на функцијата.

Инаку, Османи е познат и по тоа што најави кандидатура за републички јавен обвинител по разрешувањето на Марко Зврлевски во 2017 година, кога изјави дека поднел оставка од работата како истражен судија во гостиварскиот суд поради, како што рече, притисоците што врз него ги вршел тогашниот министер за правда Михајло Маневски.

Што се однесува до неговиот противкандидат Исаку, пак, тој истакнал дека работел во приватниот сектор, во тетовскиот суд како судски преведувач, во владата и во собранието како советник, додека своевремено бил член и на Советот за јавни обвинители.

Како што е познато, граѓаните имаат ниска доверба во судството од само 2 проценти, поради што сите власти досега, вклучувајќи ја и актуелната на ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН, најавуваат реформи кои, според најавите, треба да се однесуваат и на Судскиот совет, надлежен за избор и разрешување на судии, како и за оценување на нивната работа.

Влатко Стојановски

Слични вести