Раздор во ДОМ пред локалните избори на кои партијата ќе настапи независно од СДСМ

by fokus

Раздор во ДОМ, партија која е дел од владината коалиција предводена од СДСМ, неколку месеци пред локалните избори за на кои партијата најави заеднички настап со политичките партии, ЛДП, ДОМ и Демократски сојуз, независно од СДСМ.

Вчера Централниот одбор на ДОМ одржа седница на која имало иницијатива за одржување на вонреден конгрес, а меѓу подносителите биле актуелната директорка на Државниот инспекторат за животна средина, Ана Петровска, и пратеникот Мирослав Богдановски. Но, дневниот ред бил сменет и наместо нивната иницијатива, Централниот одбор изгласал нов, дополнет дневен ред кој резултираше со гласање на недоверба на двајцата потпретседатели на партијата, Петровска и Богдановски, пратеникот кој дојде со скафандер во Собрание за да гласа за Петтиот пакет економски мерки.

Откако беа разрешени, тие излегоа со обвинувања за недомократско владеење во партијата.

-Разрешувањето на членовите е сечење глави, тоа е чистка, тоа е целосно недемократстко владеење. Наместо да седнеме и да разговараме за различните ставови се разединуваме и пропаѓаме, во овој момент кога треба да се подготвуваме за локалните избори. Одлуката на претседателството да врши чистка на членовите е спротивно на сето она на што ние 15 години сме се залагале. За зелените идеи, за демократизација на општеството, а ова е една тотална авторитарност, недемократија и дискриминација, рече Ана Петровска.

-“Лидерката” на ДОМ на крајно северно корејски начин преку нелегитимно собраната клика меѓу кои и лица што не се членови на централниот одбор се дрзна на крајно нерегуларен начин да ги разреши основачите и потпретседателите на партијата. Единствен проблем е демократизација на партијата каде секој слободно ќе може да си го каже својот став различен од “лидерката”, а да нема закани и шиканирање. За ваквите случувања ќе бидат известени Европските зелени и запознаени со тортурата што се врши врз целото членство што различно размислува, напиша Богдановски на Фејсбук кој од сега во Собрание ќе делува независно од неговата партија.

Претседателката на ДОМ, Маја Морачанин негира дека била направена чистка во партијата и дека нејзиниот глас при одлучувањето е само еден и дека таа не одлучувала сама, ниту за дневниот ред, ниту за разрешувањето. Taa порачува дека со овие случувања само се намалува рејтингот и довербата кај граѓаните во партијата. -Мене не ми е јасно зошто сите обвинувања се кон мене, кога јас сама не ги носам одлуките. Не станува збор за чистка, бидејќи останатите потпретседатели не беа разрешени, вели Морачанин.

-Мнозинството членови на Централниот одбор едногласно ја отфрли иницијативата, со образложение дека нема потреба од одржување на вонреден конгрес. Членовите истакнаа дека сега фокусот на ДОМ треба да биде подготовка за претстојните локални избори, а не задоволување на лични интереси на поединци. Со мнозинство гласови, членовите на ЦО изгласаа недоверба кон: Ана Петровска и Мирослав Богдановски на функциите потпретседатели и членови на Извршен одбор на ДОМ, и Јасмина Пакашки на функцијата член на ИО на ДОМ. ДОМ е демократска партија во која се почитува мислењето на секој член кој ги негува зелените вредности. Зелената партија ДОМ продолжува со подготовките за локалните избори, за што Централниот одбор на ДОМ го задолжи Извршниот одбор на ДОМ да ги продолжи тековните активности, пишува во вчерашното соопштение од партијата.

На потпретседателските места останаа Бети Дејанова и Христа Најданов, иако Дејанова била дел од иницијативата за вонреден конгрес.

Поврзани новости