Растат цените на житото по уривањето на браната Каховка во Украина

by Fokus

Поради уништувањето на браната Каховка на југот на земјата, Украина може да загуби неколку милиони тони жито, предупреди украинското Министерство за земјоделство. Веднаш по рушењето на браната, цените на житото на светско ниво почнаа да растат и овој раст се уште не запира и може да се одрази на сите сродни производи.

„Без водоснабдување е невозможно да се одгледува зеленчук. Житото и маслодајните семиња ќе се одгледуваат со екстензивен модел со ниски приноси“, се вели во соопштението на Министерството.

Министерството предупреди оваа недела дека поради уништувањето на браната, илјадници хектари земјоделско земјиште во јужна Украина ќе бидат поплавени, а најмалку 500.000 хектари земјиште може да се претворат во „пустина“ во отсуство на наводнување.

Според министерството, ќе треба да се изврши проценка на земјоделско-еколошката состојба на почвата на поплавеното земјиште, а во најголем број случаи ќе треба да се применат методи за обновување на почвата.

Во погодената област најмногу се одгледувале зеленчук, дињи, жито и маслодајни семиња. Украина е еден од водечките производители и извозници на жито и маслодајни семиња.

 

Поврзани новости