Расте бројот на загинати од двете страни во конфликтот меѓу Израел и Хамас – бројката е над 900

by fokus

Бројот на загинати во нападите извршени од милитантната група Хамас врз Израел се искачи на над 600, пренесува „Тајмс оф Израел“.

Портпаролот на ЗАКА, хуманитарната група која се занимава со загинатите по терористичките напади, за израелските медиуми изјави дека се убиени повеќе од 600 Израелци.

Израелското Министерство за здравство соопшти дека бројот на повредени во болниците достигна 2.048, од кои 20 се во критична состојба и 330 тешко повредени. Според последните податоци на милитантната група Хамас, бројот на убиените Палестинци се искачи на 300, а речиси 2.000 се повредени.

Портпаролот на израелските одбранбени сили (ИДФ) Ричард Хехт денеска изјави дека израелската војска знае дека Хамас зел десетици заложници, но се уште се обидува да го утврди точниот број.

Тој посочи дека ИД ќе изврши тешки напади „внатре во Појасот Газа“ како одговор на упадот на Хамас во саботата и додаде дека армијата ќе ги евакуира израелските населби околу Газа и ќе направи „се што е во нејзина моќ за да ја минимизира колатералната штета и да ги исели луѓето што не е вклучени“..

Хехт нагласи дека примарна цел на армијата е „стабилизирање на одбраната и заштита на границата“. Тој додаде дека армијата е подготвена доколку судирите се прошират на Западниот Брег или на северната граница на Израел со Либан.

Кабинетот за безбедност на Израел изгласа дека земјата официјално е во воена состојба и дека може да изврши „значајни воени активности“.

Премиерот Бенјамин Нетанјаху веќе изјави дека земјата е во војна откако терористите на Хамас се инфилтрираа во јужен Израел, убивајќи стотици Израелци. Одлуката на Кабинетот за висока безбедност на декларацијата и дава правен статус во согласност со Основниот закон бидејќи во членот 40 стои дека земјата не може да војува без одлука на владата.

Поврзани новости