Раскрсницата на Евлија Челеблија

by Fokus

Во Германија имам роднини, пријателки што често ме канат, сега и вонреден другар. Новите писма му се подиректни, ама со усул, преубаво. Само да стокмам нов пасош и пари, и пут под ноге

Пишува Линдита КАДРИУ

 Драга Линда,

 Да те потсетам накратко на незнајникот, чиј пат се поклопи со твојот. Ја обои мојата средба со Скопје.

Ја прочитав твојата колумна во „Фокус“. Кога е во прашање бивша љубов, очигледно се работи за суптилни пораки. Тоа што го пишуваш за давањето, ме потсети на Момо Капор – го спомнувам зашто зборувавме за него. По посетата на српскиот манастир Хиландар на полуостровот Атос, го цитирал тамошниот монах „Твое е само она што им го даваш на другите“.

Ги погледнав сликите на твојот бивш сопруг. Интерферира со мојот сензибилитет;  некои од нив ги сместив меѓу Пол Кле и Константин Бранкуши. 

Сакам да останам во контакт со тебе. Во Скопје сум „како дома“, го ставам под наводници реферирајќи се на идејата на Тарковски за домот како длабока интенција и нешто што може да не се достигне.

 ПРВОТО КАФЕ

Имејлот беше насловен 8 Март – Раскрсница на Евлија Челебија.

…Таму се запознавме, бараше некое место за првото кафе. Продолживме по калдрмата, бил роден во Сараево, живеел во Хрватска, подоцна дознав дека работел како архитект во повеќе држави, најдолго во Јапонија, беше заинтересиран за оставштината на Кензо Танге во градот, начул и за брутализмот кај нас итн.

Го пропатува Балканот со ранец, автобус, не троши многу, како и јас. Во многу нешта се надополнувавме. Тогаш во другиот гледаме како во огледало, се расприкажуваме и слушаме со одобрување, чувствувајќи нешто ново во хоризонтот.

Очекував нешто да се случи. Тие денови, пешачејќи, најдов карта за играње со ликот на крал и ми текна на картата со седмица, која претходеше на посебна убава фаза. Да, одењето како цел самата за себе, е и духовен пат, медитативна практика и вчитување знаци, подобро запознавање на градот и себеси.

Зошто не му одговори?, ме праша блиска пријателка.

Па, не стигнав да го изгуглам писателот што ми го препорача и еден сликар на Б.

Тоа си можела за неколку минути.

Да, навистина…

Впрочем секаде доцнам, на сите можни пригоди; каде и да објавувам, убедливо сум последна, а и сега, во понеделник, кога се праќаат колумните, некако сѐ ќе се уроти против мене за да не стигнам навреме.

НЕ ПИШУВАМ ДОЛГИ ТЕКСТОВИ

Драг  Марио, се радувам што се запознавме.

Уживај во Хамбург, работата, сонцето или што и да ти причинува радост.

Ти благодарам што ме запозна со Дарио Џамоња.

Ја слушам по вторпат „Ако ти јаве да сам пао“.

Доцна синоќа читав за животот на Кле, колоритна личност. Тој и Хуан Миро му беа омилени на Нехат, оттука реална ти е паралелата.

Интересна споредба со Бранкуши. Не знаев кој е, ниту какви му се делата, а ми се виде примамлива споредбата на сликар со вајар, што додатно зборува дека си познавач. На архитект му е потребна широка култура, зборувавме за тоа.

Штом бараш текстови, ќе ти пратам еден за близок пријател, доајен на архитектурата, Борис Чипан. Страница и пол. Не пишувам подолги текстови, бидејќи денес речиси сите читаме помалку од некогаш.

И ете така.

Во Германија имам роднини, пријателки што често ме канат, сега и вонреден другар. Новите писма му се подиректни, ама со усул, преубаво.

Само да стокмам нов пасош и пари, и пут под ноге.

 

 

 

 

 

Поврзани новости