Архитектот Мишко Ралев, кој беше во најтесна конкуренција за градоначалник на СДСМ, се приклучи на тимот на кандидатот за градоначалник на Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски.
„Голема чест и искрена благодарност до професорот Мишко Ралев што се приклучува во мојот тим за поубаво Скопје. Со своето богато искуство, визија и интегритет, тој претставува силна поддршка и уште поголема мотивација за нас.
Академската заедница и научно-истражувачката дејност на реномираните професори секогаш ќе имаат отворена врата и заслужено место во визијата за напредно и современо Скопје. Заедно ќе работиме Скопје повторно да го направиме достоинствен град — град на идеи, вредности и иднина“, се вели во објавата на Ѓорѓиевски.
Инаку, Ралев своевремено беше дел од Извршниот одбор на СДСМ и важеше за еден од најсериозните кандидати за градоначалник на СДСМ на претстојните локални избори.
На крајот, СДСМ одлучи за оваа функција да ја кандидира Каја Шукова, а Ралев стана дел од тимот на нејзиниот противкандидат Ѓорѓиевски.