Германија соопшти дека ќе испорача два ракетни системи за противвоздушна одбрана „Патриот“ на Украина, по договорот со САД дека Берлин ќе биде првиот што ќе ја добие најновата верзија на тој систем за возврат.
-Благодарение на вклучувањето на САД, Германија првично ќе ја поддржи Украина со лансери, а потоа и со дополнителни компоненти на системот „Патриот – изјави германскиот министер за одбрана Борис Писториус.
Ова лето, Русија ги засили воздушните напади врз Украина, на која сега итно ѝ се потребни системи за противвоздушна одбрана.
Системите „Патриот“ се покажаа ефикасни во соборувањето на руските балистички ракети. Германија досега испорача три системи „Патриот“ на Украина.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски пред една недела изјави дека Украина работи на обезбедување на испораката на десет противвоздушни системи „Патриот“.