Вечерва на стадионот „Да Луж“ во Лисабон се одигра првото четвртфинале на завршниот турнир во фудбалската Лига на шампионите, на кое францускиот шампион ПСЖ триумфираше со 2:1 против италијанскиот прволигаш Аталанта.
Италијанскиот клуб дојде во водство во 27-мата минута, кога хрватскиот интернационалец Пашалиќ по додавањето на Запата со еден прекрасен погодок со левата нога го отвори резултатот.
И покрај многуте шанси, францускиот клуб не успеа да постигне гол се до 90-тата, кога Маркињос ја затресе противничката мрежа после асистенцијата на Нејмар.
Целосен пресврт ПСЖ направи три минути подоцна во судиското продолжение, кога Мбапе го пронајде Чупо-Мотинг за поставување на конечниот епилог, што предизвика еуфорија во цел тим, но особено кај тренерот Тухел.
Во полуфиналето на 18-ти август ПСЖ ќе ги одмери силите против подобриот од пресметката Лајпциг-Атлетико Мадрид, кои ќе играат в четврток од 21.00 часот.