Протече салата во Крушево за која се потрошија над 400.000 евра за реконструкција

Поправка на покривот не било дел од овој проект

by Fokus

По обилен дожд кој го зафати Крушево пред неколку дена, протече вода во спортската сала во градот.

Иако салата беше реновирана пред извесно време, за што беа потрошени над 400.000 евра, дел од покривот не издржа на невремето.

Градоначалникот на Крушево, Томе Христоски за „Фокус“ даде свое објаснување околу случувањата во овој објект.

Како што истакна тој, ќе се направи увид на лице место со цел да се санира целосно овој проблем.

„Реконструкција на покривот не беше дел од овој проект. Единствено извршена е замена на лантерни од лексан на кровот со стаклени лантери со термопан стакло 4.4.1+12+4 заштитени со заштитна мрежа, и замена на олуците за кои во моментот на проектирање на реконструкцијата на објектот имало потреба да се променат.

 

После обилни врнежи од дожд, се појави протекување помеѓу лимовите во топлиот влез и ходникот во болдер салата, кои се поставуваат со шрафови и споеви кои со тек на време може да се оштетат, но и лесно да се поправат. На делот од покривот каде се појави протекување, во текот на реконструкцијата на салата воопшто не беше интервенирано. Веќе е ангажирано стручно лице да направи увид на лице место и да се изврши потребната санација“, објаснува Христоски за „Фокус“.

Обновата на спортската сала во градот била во три фази и биле потрошени над 25 милиони денари за таа цел.

Фаза 1: Реконструкција на спортска сала со фази: градежни работи, водовод и канализација и вештачки карпи. Вредност на изведбата: 13.450.267,00 денари.

Фаза 2: Партерно уредивање на спортска сала во Крушево и инсталација на видео надзор. Вредност на работите: 1.848.896,00 денари. Финансирано од заштеди по имплементација на фаза 1 од реконструкцијата на салата.

Изведувач на работите од фаза 1 и фаза 2: Теракота Инженеринг Прилеп, Надзор Генико Прилеп.

Фаза 3: Инсталација на систем за греење, вентилција и адаптација на спортска сала и тоа топловодно греење, инфрацрвено керамичко со цевна мрежа за развод на гас и климатизација и вентилација на голема спортскасала.

Изведувач на работите Игнација ФМ, Дооел Битола, надзор: Филбис Дооел Скопје.

Вредност на работите: 12.748.056,00 денари.

Христоски додава дека претходно салата била во катастрофална состојба и заедно со локалната самоуправа од градот успеале да ја направат во достојно место за спорт во Крушево.

„Претходно салата беше целосно внатрешно руинирана, подот беше целосно неупотреблив од подземни води, санитарните јазли беа нефункционални, седиштата беа делумно употребливи, ѕидовите немаа никаква изолација, вратите и прозорите беа дотраени, немаше никакво греење, салата имаше минимум спортска опрема и таа дотраена, просторот од сегашната фитнес сала беше оставен неикористен, без врати и прозори, без изолација и без плафон, само чист лим, соблекувалните без само простории од четири ѕида, без тоалети и без топла вода“, појаснува Христоски.

Тој апелира до крушевчани – да не изнесуваат, како што вели, невистини во врска со овој објект, за кого додава дека е мошне горд што е комплетно завршен.

„Јавно изнесување невистини, особено од крушевчани, најмногу штети на Крушево. Така не се придонесува за доброто на градот. Општината ќе интервенира, навремено и секогаш за да се зачува тоа што е инвестирано, не само во салата туку во сите објекти под своја надлежност“, го заврши разговорот Христоски.

Некогашниот одбојкар и спортски работник од Крушево, Пеце Рујаноски е разочаран за настанатиот проблем со салата. Рујаноски додава дека ќе се бори за во иднина да не се појавуваат вакви проблеми.

„Не можам да разберам како е можно да се случи протекување во салата, а дадени се толку многу пари за нејзино санирање. Ќе се борам, за нашите деца од Крушево да имаат достојно место каде ќе спортуваат. Не ме интересира која партија е на власт. Како човек кој е љубител на одбојката, знам што значи децата да тренираат во добри услови“, вели Рујаноски.

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости