Пропусти во ТИРЗ: Дадена помош од 29,2 милиони евра на странски компании, државата нема контрола врз процесот

by irena 09:34
09:34

Државната ревизија откри сериозни финансиски неправилности и системски пропусти во работењето на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони за 2024 година. Стотици хектари државно земјиште остануваат неискористени, додека милионски инвестиции се водат без амортизација и законски одобренија. Скапите јавни набавки се склучувале без анализи, студии и без јасни правила за плаќање. Во делот на останати прашања, ревизијата укажува на повеќе системски слабости поврзани со објектите кои се водат како инвестиции во тек, управувањето со државната помош и законската неусогласеност во делот на платите.

Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони (ДТИРЗ) за 2024 година откривајќи сериозни состојби, неправилности и неусогласености во работењето. Наодите отвораат прашања за одговорноста и за зголемените финансиски и судски ризици за државата

Во текот на 2024 година извршена е исплата по основ на склучени 16 договори за доделување на државна помош во вкупен износ од 1.799.939 илјади денари или околу 29,2 милиони евра, од кои директно исплатените средства од Буџетот изнесуваат 1.728.289 илјади денари, додека вкупните ослободувања во износ од 71.650 илјади денари.

Исплатените средства од буџетот бележат тренд на зголемување, а зголемувањето на исплатените средства во 2024 година се должи на нереализираните барања за исплата на средства на корисниците на државна помош на крајот на 2023 година.

„Со оглед на комплексноста на постапката и висината на средствата кои се исплаќаат за државна помош, ревизијата ја истакнува потребата од пропишување на законски одредби за донесување на методологија за доделување на државна помош со утврдени критериуми за определување на висина на индивидуална помош и за мерење на ефектите од доделената помош.

Исто така, потребно е да се пропишат законски одредби за утврдување на начинот на следење, како и надлежен орган за следење и контрола на исполнетоста на утврдениот максимален интензитет на доделената државна помош во услови кога истата се доделува од страна на повеќе даватели. Ја истакнуваме и потребата да се пропише воспоставување на регистар на државна помош на централно ниво и да се уреди меѓу институционалната координација помеѓу сите вклучени органи во процесот на доделување на државна помош. Наведеното ќе придонесе за координирано постапување на давателите на државна помош со цел почитување на дозволениот интензитет, подобра контрола и зголемена транспарентност и подобрување на можноста за мониторинг и евалуација на ефектите од доделената државна помош врз економскиот развој и вработеноста “, препорачаа ревизорите.

На територијата на државата Владата има основано 16 Технолошки индустриски развојни зони (ТИРЗ) и три Индустриски зони со кои управува и е надлежна ДТИРЗ и отпочната е постапка за формирање на нови ТИРЗ на територијата на Општина Куманово и Општина Липково.

Со ревизијата е утврдено дека инвестициите во тек извршени во зоните во износ од 4.243.216 илјади денари односно 68.995.382 евра сè уште се водат како материјални средства во подготовка и за истите не се пресметува амортизација иако во најголем дел се ставени во употреба. Како причина за ваквата состојба е тоа што не се исполнети условите и законските решенија за добивање на одобрениja за употреба.

Од вкупната корисна површина, 287 хектари не се дадени под закуп, додека седум ТИРЗ со површина од 203,5 хектари и една индустриска зона од 3,2 хектари воопшто не се ставени во функција. Во периодот од 2009 до 2023 година, во овие нефункционални зони биле вложени 143,4 милиони денари (2,3 милиони евра), средства што не генерираат никакви економски ефекти. До крајот на 2024 година не била донесена тригодишна инвестициона програма како долгорочен документ за планирање на активностите на ДТИРЗ. Истата е донесена во декември 2024 година и се однесува за период 2025 – 2027 година.

Најсериозен е наодот за договор склучен во 2023-тата за изградба на неколку објекти повеќе индустриски зони по принципот „клуч на рака“.
„За изведба на објекти за времено сместување и амбуланта за прва помош, детски градинки и складишта со пратечки содржини (паркиралишта) во ТИРЗ Скопје 1 и ТИРЗ Скопје 2, и објекти за времено сместување, детски градинки и складишта со пратечки содржини (паркиралишта) во ТИРЗ Штип и ТИРЗ Прилеп, по принцип „клуч на рака“, во 2023 година склучен е договор со вкупна вредност од 1.781.800 илјади денари со ДДВ, односно 28.972.357 евра.

Со ревизијата е утврдено дека набавката била планирана и спроведена без претходна анализа на трошоци и придобивки, без физибилити студија за економската оправданост и без изработена проектна документација со предмер и пресметки, иако станува збор за исклучително голема и комплексна капитална инвестиција“, стои во извештајот на ревизорите.

Проценетата вредност на набавката е утврдена без целосни и веродостојни анализи, исклучиво врз основа на ценовник за инженерски услуги. Ниту постапката е спроведена како делива набавка и покрај различните видови објекти и локации. За реализација на договорот на крајот на 2023 година бил исплатен аванс од 20% од договорната вредност, во износ од 302.000 илјади денари, односно 4.910.569 евра.
ДТИРЗ во јули 2025 година доставува Информација до Владата за потреба од спогодбено раскинување на договорот.

За изградба на административен објект во ТИРЗ Штип во декември 2022 година е склучен договор во вредност од 212.398 илјади денари со ДДВ, односно 3.469.886 евра при што утврдени се значајни слабости во неговата реализација. Поради недоволно прецизна проектна документација, бил склучен анекс за дополнителни и непредвидени работи.

Ревизијата посочува дека потпорниот ѕид и пристапната улица не биле опфатени со проектната документација за која е издадено одобрение за градење, што е спротивно на Законот за градење. Изведувачот започнал и со набавка и со монтажа на пречистителна станица без претходно одобрение за измените во текот на градбата.

Во септември 2023 година Дирекцијата склучила рамковна спогодба за промоција на странски директни инвестиции, маркетинг и изработка на промотивни материјали со два економски оператори во износ од 250.000 евра за период од две години, која со анекс од февруари 2024 година е зголемена за дополнителни 50.000 евра и покрај тоа што во Дирекцијата постои Сектор за маркетинг и комуникација.

Во сметководствената евиденција на ДТИРЗ се евидентирани 39,65 милиони денари задржани депозити по основ на склучени договори за градежни работи од минати години. Поради фазната изградба на инфраструктурата и недобиените одобренија за употреба, депозитите не се враќаат, што создава реален ризик од судски постапки и дополнителен финансиски товар за институцијата.

Орце Костов

Слични вести