Продадена зградата на мисијата на СФРЈ во Њујорк за 50 милиони долари, сукцесор е и Северна Македонија

by Fokus

Една од најстарите њујоршки вили, која Југославија ја купила во 1946 година, продадена е за 50 милиони долари во готовина, потврди најголемата агенција за недвижности во САД, компанијата „Даглас Елиман“, соопшти американскиот весник „Волстрит џурнал“.

Агенцијата објави дека ја продала вилата во Њујорк, инаку поранешна резиденција на југословенска мисија во Обединетите нации, на престижната Петта авенија на Менхетен, за целосната барана цена од 50 милиони долари во готовина.

Продавачот на вилата, која ја користеше и Постојаната мисија на Србија во ОН, се петте држави наследнички на поранешната Социјалистичка Федеративна Република Југославија, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Северна Македонија и Србија, а вилата е купена од компанија со адреса во Њујорк.

-Новиот сопственик штотуку купи значаен дел од историјата на Њујорк, изјави Тристан Харпер, агентот на „Даглас Елиман“ кој го склучи договорот.

Тој истакна дека претседателот на поранешна СФРЈ, Јосип Броз Тито, „иако комунист, имал многу добар вкус за недвижнини“.

Според агентот, вилата првпат била понудена на продажба во 2017 година.

Во јуни 2021 година, Харпер објави дека е добиена понуда во готовина од 50 милиони долари за купување на вилата и дека земјите што ја продаваат (сукцесори на СФРЈ) постигнале консензус за продажба.

Српските медиуми го цитираат државниот секретар во Министерството за надворешни работи, Немања Старовиќ, кој во февруари изјави дека врз основа на Анекс Б од Договорот за сукцесија на имотот на поранешна СФРЈ во странство, на Србија и припаѓаат неполни 40 отсто од парите од продажбата на зградата на постојаната мисија во Њујорк.

Претставникот на Србија во Мешовитиот комитет за сукцесија на имотот на ДКП на СФРЈ, генералниот секретар на МНР Вељко Одаловиќ, своевремено изјави дека Србија со продажбата ќе се ослободи од големи трошоци за одржување и чување.

-Станот на Петтата авенија во Њујорк, кој е заклучен од 1992 година и се распаѓа, нè чинеше 14.000 долари месечно, а досега вкупно 2,7 милиони долари, објасни Одаловиќ.

Со Анекс Б од Договорот за сукцесија на СФРЈ дефинирано е дека од 123-те дипломатски претставништва на СФРЈ, на Босна и Херцеговина и припаѓаат 15 отсто, на Хрватска 23,5, на Северна Македонија осум, Словенија 14 и на Србија и Црна Гора – кои тогаш ја сочинуваа СРЈ – 39,5 отсто.

Според претходно објавен оглас за продажба, вилата е изградена на четири нивоа и има два ката, 18 соби, шест бањи и винарска визба.

Тоа беше првата зграда која имаше два електрични лифтови, кои се уште се во функција.

Во неа е зачуван оригиналниот ентериер, а од 1969 година е под заштита на државата и градот Њујорк.

За време на Студената војна, кога тука престојуваше и Тито, на врвот наводно имало соба која никој не можел да ја прислушува, како и непробојни прозорци кон Петтата авенија.

Првиот сопственик на зградата бил гувернерот на Лонг Ајленд, Роберт Бикман Ливингстон, според кого зградата се нарекува и Бикменова куќа.

Поврзани новости