Адио иднино

by Fokus

Пишува: Звонко Давидовиќ

Лета човечко тело низ воздух, за неколку мигови удира во земја, згаснува нешто најдрагоцено, човечки живот. Згаснува сета иднина која можело и требало да ја има едно момче кое има одвај седумнаесет лета зад себе.

Причините за ваквата негова одлука заминаа заедно со него во вечниот дом. Сево ова се случи пред само неколку недели, но никој ниту зборува, ниту истражува, ниту се обидува да добие одговор на прашањата кои сами се наметнуваат.Што е тоа, која е причината која животот го направила толку неподнослив? Колку ли долго се полнела чашата на горчината и безнадежноста за да нема друго решение освен да се згасне постоењето?

Сите овие прашања и многу други навираат во главата на секој родител, секој нормален човек. Но овие прашања се небитни, маргинални, политички неисплатливи за одговорните кои морале да си ги постават, да го најдат одговорот за да превенираат идни исти или слични настани.

Ден по трагичниот  настан  две слики на два настани, едната буди тага, солзи, неверување, другата вџашеност, лутина, бес. Тага, болка, солзи на лицата на сите присутни кои го испраќаат момчето до вечниот дом. Насмевки, прослава, позирање, сликање на неколку метри од клупата во која до вчера седел ученикот кој засекогаш заминал и го оставил своето место во училницата празно.

Втората слика дава одговори на неколку од прашањата кои навираат. Како можело сево ова да се случи? Гледајќи ги сликите одговорот е повеќе од јасен, никому не му е гајле, никој не се чуствува одговорен, никого не засега, освен најблиските кои се оставени сами со својата болка и неодговорените прашања.

Втората слика покажува и колку го цениме човечкиот живот кога некој може да слави во тие мигови , кои работи се побитни кога еден политичар е побитен од еден згаснат живот , колку општеството и институциите водат сметка за младите , за она што истите лицемерно го нарекуваат наша иднина а никој со прст не мрдна да ги најде одговорите и да спречи нешто вакво во иднина да се случи.

АЛАРМАНТНО ЗГОЛЕМЕН БРОЈОТ НА САМОУБИСТВА

Не е само овој настан, туку  и реакциите на одговорните е она што разочарува и плаши, што ги прави институциите недоветни, незаинтересирани и неодговорни туку тоа се многу настани , слични или исти, кои даваа и даваат доволно основи и општеството и институциите да се загрижат.

Доколку бегло ги погледнете само вестите на порталите, не мора да одите подалеку, ќе утврдите дека во 2021 година само за првите три месеци се извршиле дури 29 самоубиства, од кои најголемиот број се во Скопје, дури 12. Бројот на смртни случаи од самоубиство во Македонија во 2009 година  е 167, додека според податоците на Државниот завод за статистика, во Македонија, бројот на умрените лица од насилна смрт е зголемен за 54.6 % во однос на претходната година и изнесува 677 умрени лица а бројот на самоубиствата изнесува 15,5%.

Бевме сведоци и на низа настани кои ја потресоа јавноста, но не предизвикаат никаква реакција на надлежните институции да ги истражат причините и корените поради кои се случиле истите и да превземат мерки соодветно да ги превенираат. Се случија низа насилства помеѓу млади луѓе, претепувања до смрт, низа прободувања со нож од кои некој и со фатален исход, силувања во кои учествуваа деца на возраст од 15 до 17 години.

Во еден голем дел од овие настани полицијата и обвинителството ја завршија својата работа но тоа ни од далеку не е доволно. Институциите на општеството како што се центрите за социјална работа, агенцијата за млади и спорт, Министерството за образование, училиштата останаа неми, тргнати на страна, незаинтересирани сериозно да ги истражат настаните, причините кои довеле до истите за да се добие јасна слика што треба во иднина да се превземе да се превенираат вакви и слични настани.

Економската криза, невработеноста, короната, булингот, социјалната раслоеност и нееднаквост, нееднакво важење на законите, сосема заборавен педагошкиот и воспитниот дел од образованието, распаѓање на семејството како основна клетка на општеството , отуѓеноста на луѓето се само дел од причините за ваквите и слични случувања.

Но, никој сериозно не се зафатил да ги истражи причините за да дефинира мерки и дејствија кои треба да се превземат за да се превенираат вакви и слични настани.

Со ваквиот пристап, неработење, некадарност, неодговорност на надлежните институции ќе продолжиме да ги броиме младите кои си заминале од земјата се додека не остане никој за броење.

Поврзани новости