Приведени се три лица осомничени за поврзаност со синоќешното убиство во Чаир каде што смртно беше застрелан 24-годишниот Бурим Идризи, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Од таму додаваат дека се работи на мотивите за убиството. Претходно од јавното обвинителство соопштија дека на пукањето му претходела вербална расправија меѓу убиецот и жртвата.
Пукањето се случи околу 18 часот на улицата Џон Кенеди спроти Средното училиште „Цветан Димов“ во скопската населба Чаир. Убиството е извршено со автоматско оружје „АК-47“ од автомобил во движење. Идризи бил застрелан додека излегувал од своето возило на автобуската станица.
На улицата „Никола Малешевски” во населбата Топана во Чаир, денеска полицијата го пронајде автомобилот од кој наводно било пукано.