Прилепскиот градоначалник: Од денеска ќе работам и на Инфективното одделение

by fokus

Градоначалникот на Прилеп, Илија Јовановски, објави дека од денеска ќе работи и на Инфективното одделение во болницата во градот, бидејќи по професија е лекар.

-Во последните десетина дена, состојбата со вирусот Ковид-19 во нашата општина е загрижувачка и алармантна.

Од тие причини, како градоначалник на општина Прилеп и шеф на Кризниот штаб за справување заразата, а пред се’ како човек кој е по професија лекар, од денеска се ставам лично себеси на располагање на Инфективното одделение при Општата болница „Борка Талески“ Прилеп.

Како волонтер ќе бидам секојдневно присутен во Инфективното одделение и како доктор со долгогодишно искуство, ќе им помагам на колегите и пациентите во справувањето со коронавирусот. Тоа ќе го правам се’ додека има потреба од дополнителен медицински персонал и согласно развојот на ситуацијата со вирусот.

Свесен сум дека припаѓам во ризичната група на граѓани, над 60 годишна возраст, кај кои се поголеми шансите да заболат и да развијат потешки компликации од вирусот, но како лекар кој ја положил Хипократовата заклетва, одлучив да застанам рамо до рамо со моите колеги доктори, на кои во овие исклучително тешки моменти им е потребна секојдневна помош во битката за спасување на човечки животи.

Мојот личен пример, нека биде поттик за сите лекари, доктори специјалисти, сестри од матичните амбуланти, болничари и друг медицински персонал, да се вклучат и согласно нивното слободно време, волонтерски да им помогнат на колегите од прилепската болница во борбата со вирусот.

Истовремено, ги уверувам граѓаните дека со мојот ангажман во Инфективното одделение, нема да запрат моите работни активности како градоначалник на општината. Своето време ќе го организирам во насока на обезбедување континуитет во работата на локалната самоуправа, напиша градоначалникот на фејсбук.

Поврзани новости