Поништување на лустрацијата бара Блупринт групата

by fokus

Блупринт групата на граѓански организации за реформи во правосудство од претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери бара на собраниска седница итно да го стави Предлог – законот за огласување ништовност и поништување на правните акти, дејствија, мерки и правни последици од постапките за лустрација, со цел заштита на правата на лустрираните и нивните семејства и минимизирање на последиците и штетите кои ги трпеле, како и заради заштитата на нивниот личен интегритет и достоинство.

-Познато е дека во извештајот на експертската група од Европската комисија (Извештајот на Прибе) беше нагласена исполитизираноста на процесот на лустрација кој се спроведе во државава пропратен со непостоење на независна комисија за лустрација. Експертската група сугерираше до власта да размисли за целосно повлекување и ревизија на лустрацијата. Како последица на политичката волја, беше востановена потреба од воспоставување правна основа за поништување на правните акти, дејствија, мерки и правни последици од постапките за лустрација во Стратегијата за реформи на правосудниот сектор (2017-2022) со рок за реализација до декември 2017 година. Дополнително, граѓанските организации кои се членки на Блупринт групата за реформи во правосудството во изминатите три години реагираа поради непостоење на правен механизам за укинување на правните последици од процесот на лустрација кој беше во функција за прогон на политичките неистомисленици со тогашната власт, и бараа донесување на законско решение за поништување на лустрацијата пред самораспуштањето на Собранието во февруари оваа година, се вели во соопштението на Блупринт групата, што во нејзино име го испраќа Фондацијата отворено општество Македонија.

Оттука, се додава во соопштението, поради заштита на правата на лустрираните и нивните семејства и минимизирање на последиците и штетите кои ги трпеа, како и заради заштитата на нивниот личен интегритет и достоинство, повторно потенцираме дека е неопходно итно донесување, а потоа и спроведување на Предлог – законот за огласување ништовност и поништување на правните акти, дејствија, мерки и правни последици од постапките за лустрација.

Членки на Блупринт групата на граѓански организации за реформи во правосудство се Фондацијата Отворено општество – Македонија, Институтот за човекови права, Хелсиншки комитет за човекови права, Македонското здружение на млади правници, Коалицијата „Сите за правично судење“, Центарот за правни истражувања и анализи и Институтот за европскa полтикa.

Поврзани новости