Предлог за ново управување со Ковид 19 кризата

by Fokus

Пишува Владимир Лазаревик

Кога нешто ќе се случи само еднаш можеби и нема да се повтори втор пат, но кога нештото ќе се случи по втор пат речиси е сигурно дека ќе се повтори и по трет пат. Оваа голема мудрост од Паоло Коељо напишана во Алхемичарот треба да биде порака за нашите власти како да се справуваат со новонастанатата ситуација по ескалирањето на епидемијата на Ковид 19 во Македонија.

Овој текст има за цел да даде конкретен предлог за тоа како треба да се раководи ваков тип на криза и кои треба да бидат политичките механизми за менаџирање на кризата. Ќе се осврнам на пристапот на воспоставување целосно нова структура во управувањето со кризата, како и фокус врз сегашните одговорности на комисијата за заразни болести, и потребата да се воспостави нова меѓусекторска комисија за справување со последиците од ковид кризата.

Во изминатиот период во повеќе наврати беше укажувано на пропустите кои се направени во менаџирањето со корона кризата во Македонија. Имено, согласно законот за здравствена заштита министерот за здравство има ингеренции да воспостави повеќе комисии кои имаат за цел да ја помогнат неговата работа и да помогнат во носењето на одлуки. Со промената на секоја политичка гарнитура во министерството за здравство речиси по правило се менуваат и најголемиот број на комисии и членови на тие комисии. Многу често членовите на комисиите не се ни информирани ниту запрашани дали сакаат да членуваат или не, туку само ќе добијат решение со кое се информирани дека се назначени да членуваат во таа и таа комисија. Така беше уште во 2000 година кога работев во министерството за здравство во време на таканаречената антракс криза, па кризата со хеморагичната грозница, и така беше во 2006-2008 година кога бев на позиција заменик министер.

Нема никаква причина да помислам дека тој принцип е некако променет во денешната ситуација. Поголемиот проблем од самото назначување на членовите на комисиите е начинот на кој се управува со работата на таа комисија. За да може да има функционална и одговорна работа комисијата потребно е да има правилник за нејзината работа. Јас не знам дали има или нема правилник, но знам дека таквиот правилник не може да се најде на веб страната на министерството и со самото тоа ни оневозможува на нас, граѓаните да добиеме подобар увид во работата и одговорностите кои ги има комисијата. Дури и да речеме дека има правилник за работа, проблемот кој се појавува е дека сите комисии кои ги назначува министерот всушност и му одговараат на министерот. Тие се негово советодавно тело. Во конкретната ситуација каде имаме глобална пандемија со Ковид 19 одговорноста која се префрла врз членовите на комисијата за здравство не е фер.

По мене, за справување со оваа криза потребно е да се направни целосно нова управувачка структура која би била подржана од сите клучни политички партии, и која управувачка структура покрај владиниот сектор ќе интегрира претставници од приватниот сектор, невладини организации како и претставници на политички партии, религиозни заедници кои имаат влијание врз населението на терен. Оваа нова предлог управувачка структура за менаџирање со кризата треба да биде регулирана со јасен правилник, и треба да и одговара директно на Владата на РСМ, а не на министерот за здравство. Во графиконот е претставена предлог управувачка структура со краток пресек на клучните одговорности.

Очекувањето е дека воведување на ваков систем на управување со кризата би довело до распределба на одговорностите и товарот, како и синхронизација помеѓу реалната состојба на теренот, и потребата предлозите и мерките да се спроведат во пракса. Дополнително, работата на оваа нова управувачка структура треба да биде потпомогната преку конституирање на специјална просторија или War Room каде ќе се менаџираат состојбите на дневна основа. Менаџмент консултантите, дизајнираат War Room за секој покомплексен проект, а по успешната релизација на проектите тие простории се расформираат. Целта е да се обезбеди централизирана просторија со целата можна и потребна технологија која ги следи, собира, обработува и произведува сите релевантни податоци за конкретната криза. Де факто, таа просторија треба да се замисли како класичен команден центар и токму од тии причини се вика Воена Соба и е во служба на справувањето со кризата.

Го пишувам ова од причини што верувам дека кај нас командата за справувањето со кризата е дисперзирана низ повеќе институции, и тоа самото по себе прави проблем со менаџирањето на кризата. Овој предлог може многу бргу да се реализира, со добра координација може да биде многу ефикасен и да се стави во функција веднаш доколку наиде на интерес од страна на Владата. Се разбира дека секогаш постои простор за унапредување, но кога рбетниот столб на една криза ќе биде правилно поставен, многу лесно ќе биде да се управува со деталите.

Поврзани новости