Градоначалникот на Куманово: Најмалку што очекувам е извинување и поддршка од мојата партија!

by fokus

Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, вели дека сега може да побара извинување од неговата партија, бидејќи неправедно бил обвинет, а доказ за тоа е фактот што обвинителството ја отфрлило кривичната пријава против него за загрозување на здравјето и општата сигурност.

,,Добив информација од сајтот на Јавното обвинителство дека кривичната пријава против мене и членот на ОШЗС г-дин Стојановски е ОТФРЛЕНА.

Во минатото во неколку наврати бев предмет на оградување и прозван од раководството на мојата партија СДСМ, несакајќи да нарушам ничиј авторитет и да наштетам на сопствената партија тогаш премолчав, но верував во вистината.

Тие избрзани и несреќни изјави се минато, но најмалку што очекувам е извинување и подршка за расчистување на случајот до крај.

Верував и се уште верувам во институциите и непристрасните професионалци во системот.
Убеден сум дека вистината за овој монтиран случај излезе на виделина.

Ќе ги преземам сите активности предвидени со закон да се лоцираат одговорните лица во постапката кои од нив познати мотиви ги злоупотребија сопствените службени овластувања и креираа случај за наводно сторено кривично дело кое имаше за цел јавно да ме девалвира и дискредитира и да ја искриви вистината.

За жал ова не е прв случај во кој МВР и други државни институции се користат за политички пресметки, вршење на притисок и раскусурувања со неистомисленици, такви случаи имало и во минатото.

Претходно кажав дека нема да се обесхрабрам туку дополнително ќе се мотивирам во борбата за вистината и правдата, да им служам на моите граѓани во процесот на развојот на Куманово и европска и просперитетна Македонија.

Се уште го очекувам извештајот од инспекцискиот надзор на ДСЗИ кој до ден денешен остана тајна и за мене и за јавноста (по одлукавт на обвинителството извештајот е беспредметен).

Во следниот период ќе излезам со дополнителни правни дејствија кои ќе бидат преземени од мојот адвокатски тим, а до тогаш останувам посветен на борбата против Ковид епидемијата и развојот на Општина Куманово како мој врвен приоритет“-вели градоначалникот на Куманово.

Поврзани новости