Предизборни обвинувања: Какви тендери добиле блиски фирми на кандидати на власта?

Опозицијата обвини дека компании на роднини и партнери на кандидати на СДСМ за градоначалници добиле многу вредни тендери во изминатиот период. Меѓу нив е и кандидатот за Општина Аеродром, кој тврди дека во соработката со јавните институции нема ништо нерегуларно. Што велат официјалните податоци?

by Фокус

Уште пред да бидат распишани локалните избори што треба да одржат претстојниот викенд, политичките партии влегоа во отворена пресметка за дискредитација на политичкиот противник.

Како наближуваше изборниот ден, така се интензивираа меѓусебните препукувања, со цел да се прикаже конкурентот како неискусен и неподготвен за градоначалничката функција, меѓутоа дел од обвинувањата беа насочени кон уривање на интегритетот на противникот.

Така, власта обвини актуелни градоначалници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и кандидати на опозициската партија за злоупотреба на службена положба, како и за стекнување на јавни средства и атрактивен недвижен имот на сомнителен начин.

Како што веќе пишувавме, станува збор за градоначалниците на Петровец и Сопиште, Борче Митевски и Стевче Трпковски, чиј брат и кум стекнале општински пари, одосно недвижен имот, додека за опозициските кандидати во Бутел и Гази Баба, Дарко Костовски и Боби Стевковски, беа извадени наводни судски пресуди.

Од друга страна, пак, и опозицијата испорача обвинувања кон неколку кандидати за градоначалници од владејачката партија, меѓу кои се кандидатите на СДСМ за градоначалници на Аеродром и Битола, Александар Филиповски и Живко Кондовски, чии блиски фирми, според ВМРО-ДПМНЕ, добиле многу вредни тендери.

ТЕНДЕРИ ЗА БЛИСКИ РОДНИНИ

Досега, претставници на ВМРО-ДПМНЕ неколкупати во јавноста го прозваа кандидатот на СДСМ за градоначалник на Аеродром Александар Филиповски поради фирмата во сопственост на негови блиски роднини „Технокомерц“. Впрочем, и неговиот противкандидат Тимчо Муцунски во една прилика го праша дали оваа компанија добила стотици тендери вредни 15 милиони евра?

Станува збор за компанија основана во далечната 1972 година за трговија со градежни машини и резервни делови за машини, гуми за товарни возила и индустриски гуми, акумулатори, филтри… Пред неколку години, односно во 2018 година, „Технокомерц“ се фузира со друштвото за продажба на патинички и товар гуми „Стоп и го“.

Во истиот период, во медиумите беше објавена информација дека Илија Филиповски, поранешен министер за економија во Влада на Бранко Црвенковски, стекнал сопственост врз над 50 проценти од акциите во „Технокомерц“. Инаку, покојниот Филиповски е брат на поранешниот пратеник и директор на скопски аеродром Благоја Филиповски, чиј син е сегашниот кандидат на СДСМ за градоначалник на Аеродром.

Моментално, според Централниот депозитар на хартии од вредност, најголеми акционери на „Технокомерц“ се Блаже Филиповски со 23 отсто и Марјан Филиповски и Кирил Филиповски со по 26 отсто од акциите. Всушност, тие му се блиски роднини на кандидатот за градоначалник на Аеродром Филиповски, кој, како што вели за Фокус, е заменик-извршен директор на компанијата.

Имам 14 годишно работно искуство во приватниот сектор и знам точно што значи да работиш во реалниот свет, за разлика од моите противници. Фирмата постои 47 години, речиси половина декада, ниту почнала ниту ќе заврши со мене. Напротив, „Технокомерц“ брои повеќе од 100 вработени, што значи дека снабдува за 100 семејства и придонесува за државниот буџет преку редовна уплата на придонеси и даноци – вели Филиповски.

Тој смета дека во последниот период репутацијата на компанијата била потенцијално загрозена со, како што вели, изнесување невистини и манипулации од страна на опозицијата. Да имаше ДПМНЕ барем малку политичка култура и човечност, истакнува тој, немало да „дозволи да падне на ова ниско ниво“.

Мојот влез во политиката и борбата за Аеродром има само една цел – конечно да направиме нешто подобро и повеќе за граѓаните и ова ќе биде мој единствен приоритет во претстојниот период. Покрај мојата цврста волја за да нема судир на интереси, согласно законските процедури, штом ја преземам градоначалничката позиција потпишувам и изјава за судир на интереси која ја доставувам до ДКСК – посочува Филиповски.

Воедно, тој посочува дека АД „Технокомерц“ успешно функционирала и континуирано се развивала низ годините, без оглед која партија била на власт. Исто така, додава Филиповски, сите поголеми компании во земјава во одреден период имале соработка со државни институции. Според него, овие податоци се јавно достапни и во нив нема ништо нерегуларно.

Според податоците од Бирото за јавни набавки, компанијата најмногу соработувала со ЈП за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта, со кое го склучила и најголемиот договор во последно време. Се работи за договор од април годинава за набавка на товарни моторни возила со специјална опрема за чистење на снег, чија вредност изнесува 177 милиони денари или над 2,8 милиони евра.

Два месеци претходно, пак, друштвото на семејството Филиповски склучило два договори во рамки на поголема деллива јавна набавка спроведена од АД ЕСМ (ЕЛЕМ). Притоа, набавката се однесува на помошна механизација за рудниците во РЕК Битола, чија вкупна вредност изнесува 96.7 милиони денари или околу 1,5 милиони евра.

ТЕНДЕРИ ЗА ДЕЛОВНИ ПАРТНЕРИ

Во тој контекст, опозицијата за време на изборната кампања жестоко го напаѓаше и бизнисменот Живко Кондовски, откако тој стана кандидат на СДСМ за градоначалник на Битола, обвинувајќи го дека негови фирми и компании на негови деловни партнери во минатиот период, исто така, добиле бројни вредни тендери. За кои компании се работи?

Официјалните податоци од Централниот регистар покажуваат дека Кондовски се јавува како косопственик на неколку компании. Меѓу нив е друштвото за кредитно посредување „СН Финансии“, кое по основањето во 2016 година бележи постојан раст.

Според финансиките извештаи, ако друштвото ја завршило календарската 2017 година со приходи од 13,6 милиони денари и добивка од 5,4 милиони денари, ланската 2020 година ја завршило со приходи од над 133 милиони денари и добивка од 42 милиони денари. Во истиот период, бројот на вработени пораснал од 10 на 44.

Покрај Кондовски, во сопственичката структура на оваа компанија се јавуваат уште Петар Милошевски, Пецо Стојаноски, Благој Крстевски, Никола Митровски, Зоран Пејчиновски, како и Никола Јошевски, кој воедно е и управител. Истовремено, тие поседуваат уште неколку фирми.

Една од нив е друштвото за техничко испитување и анализа „СН Сообраќаен центар“, чија фирма-ќерка е „СН Центар за моторно возила“. Она што е заедничко за овие два меѓусебно поврзани правни субјекти е фактот што во изминатиот период соработувале во повеќе локални институции за поправка, сервисирање, одржување и технички преглед на возила.

Ако овие две компании добиле повеќе пониски тендери, компанија на еден од партнерите на Кондовски добил два поголеми тендери. Тоа е друштвото „СН осигурителен брокер“ на Зоран Пејчиновски, кое лани добило тендер од ЕСМ/ЕЛЕМ за осигурителни брокерски услуги вреден 4,7 милиони денари, додека годинава од М-НАВ за истата намена од еден милион денари.

Во тој поглед, највредни договори за јавна набавка склучила познатата битолска градежна компанија „Стентон Градба“, во сопственост друг партнер на Кондовски – Благој Крстевски. Официјалните податоци говорат дека во последните 12 месеци оваа компанија склучила дури 43 договори за јавна набавка.

Односно, во јуни годинава компанијата склучила договор со Министерството за транспорт и врски за изградба на насипна брана „Отиња“ во Штип во вредност од 292 милиони денари или 4,7 милиони евра. Поточно, „Стентон“ е носител на конзорциум во кој уште членови се „Бауер БГ“, која неодамна имаше негативна референца, како и турската „Тикарет Лимитед Ширкети“.

Понатаму, компанијата годинава добила и вреден тендер од ЕСМ/ЕЛЕМ за изработка на дренажни бунари и пиезометри рудниците во РЕК Битола во вредност од 177 милиони денари или 2.8 милиони евра. Потоа, компанијата соработувала со Општина Прилеп, ЈП за државни патишта, битолски водовод, ТИРЗ…

Се обидовме да стапиме во контакт со Кондовски, за да добиеме одговор на прашањето доколку биде избран за градоначалник како ќе се постапи во однос на неговите компании и фирмите на неговите партнери, со цел да избегне потенцијален судир на интереси? Но, не добивме одговор…

Влатко Стојановски

Поврзани новости