Предизборни обвинувања: Како братот и кумот на опозициски градоначалници стекнале имот?

Во изминатиот период, власта ги обвини градоначалниците на Петровец и Сопиште, бидејќи нивни блиски роднини стекнале буџетски средства, односно недвижен имот. Во меѓувреме, таргет беа и опозициските кандидати во скопските општини Бутел и Гази Баба, за кои во јавноста излегоа судски пресуди. Најголем дел од нив ги отфрлуваат обвинувањата.

by Фокус

Уште пред да бидат распишани локалните избори што треба да одржат претстојниот викенд, политичките партии влегоа во отворена пресметка за дискредитација на политичкиот противник.

Како наближуваше изборниот ден, така се интензивираа меѓусебните препукувања, со цел да се прикаже конкурентот како неискусен и неподготвен за градоначалничката функција, без притоа да ги познава законските овластувања.

Меѓутоа, дел од обвинувањата беа насочени кон уривање на интегритетот на противничките кандидати, со оглед дека се однесуваа и на потенцијални злоупотреби на службена положба, судир на интереси, како и стекнување на јавни средства и атрактивен недвижен имот.

Ако во одредени случаи само јавно се пласираа одредени информации, кои времето ќе покаже дали ќе покренат институционални постапки или само биле во функција на предизборна кампања, во други веќе се поднесени кривични пријави.

Покрај тоа, на некои некои кандидати за градоначалници им се вадат и судски пресуди, кои укажуваат дека во минатото го скршиле законот, независно дали поминале со прекршочна или кривична санкција.

Во овој текст се фокусираме на обвинувањата на власта кон кандидатите за градоначалници и неколкуте актуелни градоначалници од редовите на опозицијата.

КРИВИЧНА ПРИЈАВА

Само неколку дена пред за започне изборната кампања, Управата за финансиска полиција соопшти дека поднела кривична пријава против актуелниот градоначалник на Општина Петровец Борче Митевски.

Имено, Управата на чело со директорот Арафат Муафери го сомничи Митевски и уште 4 лица за злоупотреба на службена положба, зпоупотреба на постапка за јавни набавки и перење на пари, со што го оштетила општинскиот буџет за половина милион евра.

Како што истакна Муареми, осомничениот градоначалник во периодот од 2012 до 2018 година исплатил пари преку 24 фиктивни фактури за наводен транспорт на градежен шут на фирми на негови блиски луѓе, а две од фирмите биле на неговиот брат.

Инаку, оваа кривична пријава е изработена по поднесена претставка до кабинетот на вицепремиерот за антикорупција Љупчо Николовски, кој, пак, изјави дека претставката била поднесена од анонимен подносител.

Потоа, додаде тој, целокупната документација била испратена до УФП, која одлучи да поднесе кривична пријава до Јавното обвинителство.

Досега, од Обвинителството не добивме одговор дали е донесена одлука во однос на оваа пријава, односно ако е така – дали таа е прифатени или отфрлена?

Се обидовме да стапиме во контакт и со градоначалникот Митевски, кого го прашавме дали е известен за евентуален епилог од пријавата, дали бил повикан да даде исказ и сл.? Но, досега ни од него не добивме одговор!

Всушност, тој во овој период воопшто не се произнел за наводите од пријавата, меѓутоа неговата партија ВМРО-ДПМНЕ експресно реагираше дека станува збор за „политички прогон против кандидат за градоначалник на опозицијата“.

Воедно, од опозициската партија посочија дека власта за изборни цели злоупотребува стар предмет, кој, како што појаснуваат, Обвинителство за организиран криминал на Вилма Русковска уште во 2017-2018 година го отфрлила како неоснован.

Колку за потсетување, градоначалникот на Петровец Митевски беше еден од неколумината кандидати за градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ, кои победија на минатите локални избори пред 4 години.

ПОЛОВИНА НАСЛЕДЕНО, ПОЛОВИНА ОТКУПЕНО ЗЕМЈИШТЕ

Исто така, меѓу нив беше и градоначалникот на уште една рурална скопска општина. Станува збор за Општина Сопиште, чиј актуелен градоначалник е Стефче Трпковски, кој воедно е кандидат за уште еден мандат на претстојните избори.

Во врска со него, Дарко Каевски од СДСМ пред неколку дена прикажа 28 имотни листови, на кои е запишано сопственичко право врз земјиште со површина од над 30.000 квадратни метри во селото Долно Соње, кое спаѓа токму во Општина Сопиште.

Како сопственик на земјиштето фигурира лицето Бојан Стојановски, кој, според Каевски, е близок до градоначалникот Трпковски. Затоа, пратеникот на СДСМ смета дека надлежните институции треба да испитаат како овој имот е стекнат за краток период и дали во случајот има скриен сопственик.

Во однос на тоа, градоначалникот на Сопиште Трпковски реагираше дека тој не е сопственик земјиштето, туку, како што рече, целокупниот имот уредно го пријавил до Антикорупциската комисија.

Во изјава за Фокус, пак, тој потврдува дека сопственикот на земјиштето Стојановски му бил кум, но истовремено потенцира дека веќе извесен период не одржуваат никаков контакт.

Имотот за кој што обвинува Каевски е приватен имот на Стојановски. Тој имот ниту е купен од општината, ниту од Република Македонија, туку, од тоа што успеав да дознаам, е имот кој скоро повеќе од една половина е наследен, а другата половина е купен од приватни сопственици – вели Трпковски.

Дополнително, тој додава дека цел имот што го стекнал одговара на висината на неговите примања, што, според него, не е случај со Каевски. „Од каде му на триесетгодишник 4 милиони на сметка и стан од 60 илјади евра, прашува Трпковски?

-Неговата плата е 1.000 евра, 5 години е функционер, ако не ја трошел и ако не јадел ништо и немал никакви други трошоци, тој можел да спечали 60 илјади евра, но од каде му се другите пари, од каде му се тие 4 милиони денари? – прашува градоначалникот на Сопиште.

И Стојановски потврдува дека му е кум на Трпковски, како и дека подолго време немаат контакт. Патем, и тој посочува дека половина од споменатиот имот го добил како наследство, додека другата половина ја купил.

Во 2011 година имам започнато со купување на парцели кога Трпковски не беше градоначалник. Тој нема никаква поврзаност со парцелите. Во 2010 година имаме продадено стан во Кисела Вода кој беше во сопственост на татко ми. Целиот имот кој што е купен е од приватни лица и нема државно земјиште – објаснува Стојановски.

СУДСКИ ПРЕСУДИ

Кога станува збор за обвинувањата на власта на чело со СДСМ на адреса на опозицијата, таргет не се само малкуте актуелни градоначалници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, туку и нивните кандидати во општините под контрола на власта. Во таа насока, на тапет се опозициски кандидати во две скопски општини.

Така, градоначалникот на Бутел и кандидат на СДСМ за уште еден мандат, Велимир Смилевски, во една телевизиска дебата извади документ врз основа на кој го обвини противкандидатот од ВМРО-ДПМНЕ, Дарко Костовски, дека бил осудуван за насилство, посочувајќи дека станува збор за тепачка на бензиска.

Притоа, Костовски не ја негираше содржината од пресудата, но појасни не станува збор за пресуда за извршено кривично дело, туку за прекршочна санцкија. Во контранапад, Костовски го обвини Смилевски дека шурува со локални криминалци, кои, како што рече, дури и го нападнале бидејќи не ги испорачал ветувањата кон нив.

Сепак, во тој контекст се чини дека многу посериозни се пишувањата на одредени медиуми дека кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Гази Баба Бобан Стевковски своевремено бил осуден на 3-месечна затворска казна за трговија со марихуана.

Сепак, Стевковски демантира дека пресудата се однесува за него, потенцирјаќи дека се работи за „брутална манипулација за политички цели“. Тој тврди дека добил потврда за неосудуваност кога претходно се кандидирал и бил избран за член на Советот на Гази Баба.

Соочени со огромна нервоза и сигурен пораз, СДСМ наместо со програма на овие избори настапува со клевети, лаги, дезинформации и дискредитации. И ова не е прв ваков чекор на политичкиот ривал, каде наместо да зборуваме за иднината на Гази Баба, се трудат да неметнат теми кои се насочени кон омаловажување, деградирање и лажни напади – вели Стефковски.

Влатко Стојановски

Поврзани новости