Пишува: Кирил Ефремовски
Онака како што и се очекуваше, Уставниот суд даде амин на планот на ВМРО-ДПМНЕ да се изврши укинување на дел од Законот за помилување. Со ова му се овозможува на Претседателот на Република Македонија да врши помилување на лица обвинети за изборни измами и криминал, педофилија и лица осудени за дела против човечноста. Тоа го овозможија пет правници облечени во црвени тоги далеку од очите на јавноста. Затворени без покритие и во целосен молк, како некое злосторничко друштво, судиите на Уставниот суд со оваа одлука ја укинаа правдата, а веројатно си пресудија и на себе.
Повторно со 5 спрема 4 гласа ЗА, уставните судии ѝ дадоа амин на неправдата и воведоа Ден за неказнивоста во Македонија (Impunity day). Тие ја обесчестија црвената тога и покажаа дека честа да се носи таквата тога ја имаат и оние на коишто ниту од далеку не им е до правда и штитење на Уставот, затоа што не можат и не смеат да се издигнат над дневно политичите интереси.
Зарем има простор поинаку да се толкува донесената одлука на оние кои треба да бидат најголеми заштитници на уставниот поредок и правдата во оваа земја, а денес го направија токму она спротивното. Во услови кога Македонија се наоѓа пред најголемиот правен предизвик, пред круцијалната фаза за надминување на институционалното и правно еродирање на системот, уставните судии зад заторена врата покажаа како за миг можат да се урнат правните приниципи кои се камен темелник на секое општество во кое треба да владее правото, а не партиските преференци.
На ВМРО му се брза
Имајќи го предвид можниот за нив уште понеповолен развој на настаните, раководството на партијата на власт која одамна ја има заробено државата, направи се’ за да спречи дополнително незадоволство и страв во сопствените редови, барем привидно да го амортизира и да го поврати единството.
Се погласни се гласините дека изминатите недели во владејачката ВМРО-ДПМНЕ има се’ поголемо незадоволство и тензии, а меѓусебната нетрпеливост и поделби биле изразени како никогаш претходно, па ваквата одлука на Уставен суд беше само прашање на време кога ќе се донесе. Миле, Горде, а и уште многу други од Централниот, мора да бидат смирени, а наскоро и ТОЈ лично ќе побара мала утеха во ваквата срамна одлука на Уставниот.
И можеби Груевски и неговите во тоа успеаа до одредено ниво, но она што Македонија и ова општество го загуби е било каква идна доверба во правосудниот систем и правото. Правдата доби нови пранги, потешки од сите досегашни ропства со кои овдешните се справувале, бидејќи овие пранги на правдата ѝ ги оковаа токму оние коишто требаше да ја штитат, онака ладнокрвно небаре квислиншки. Уставните судии придонесоа во квалификациите дека Македонија е недемократска земја, а пристапот до информации на јавноста овде е привилегија на малкумина, а не право.
Во период кога поголем број реални индикации покажуваат дека Специјалното јавно обвинителство наскоро ќе поднесе нови обвинителни акти во судот, на раководството на владејачката партија ѝ останува само привидно да се трка со времето и го прави и невозможното, се’ со цел колку може повеќе да ги амортизира новите удари врз сопствениот рејтинг и доверба кај членството, но и реално да се спаси од нови прогони и судења, онолку колку што може.
И бидејќи и меѓународната заедница се повеќе отворено покажува дека непоколебливо го стеснува обрачот околу оние за кои има индиции, но и неспорни докази дека се огрешиле пред законот, правеле криминали и ги оштетиле граѓаните, не треба да изненадува дека булументата на власт ќе стори се’ за да се заштити колку може повеќе, а во таа „спашавај“ операција уставните судии, но и многу други, ќе бидат само неми извршители, бидејќи самите дозволиле да бидат тоа.
И од Иванов ќе зависи…
Размислувајќи за следните можни чекори кои ќе бидат нужен производ од денешната одлука на Уставен суд, а кои секако директно влијаат на натамошниот развој и излез или, пак, ново и додатно продлабочување на политичката криза, неминовно мислите запираат кај другите судии од Кривичниот суд, но и кај Ѓорге Иванов.
Затоа јавно се прашувам, зарем ќе може судот (каков и кој и да е) при сериозни докази и факти да не осуди некој кој би бил сериозно обвинет по барем шест различни основи во независни една од друга постапки и обвиненија? Зарем ќе може претседателот на државата да ги спречи во старт сите обвиненија или, пак, да аболира некој кој ќе биде суден и пресуден по основ на барем три различни тешки кривични дела? Дали Иванов во иднина секоја втора недела ќе потпишува решенија за нови аболиции и помилување следните две години?
Како и на што ќе изгледа тогаш нашето правосудство и држава, ако не на банана држава, и дали после таков можен развој на настаните ќе остане некој здраворазумен да живее овде освен пензионерите. Сепак, иако во овие невремиња е подобро да бидеш разочаран песимист одошто оптимист, фактите кои никој не може да ги негира и побие се дека процесот на инстутиционално и постепено раскринкување на булументата на власт иако килаво, тромо и со многу сопки и препреки, сепак се движи благодарејќи пред се на странските пријатели и поддржувачи, но и на онаа помала бројка на трезвено и активно грѓанство кое во секое општество страда и ги носи тешките промени.
Во таа насока треба да сфатиме оти нема толку основи по кои што можат да бидат аболирани и помилувани сите тие кои години наназад чинеле и чинат криминал и злодела, колку што има основи за кои што во иднина ќе бидат обвинети и судени.
Улогата на граѓаните, иако засега во малцинство, и понатаму ќе биде активно и гласно да кажуваат и да се спротивставуваат на сите обиди за промовирање на неказнивоста, штитење на криминалот и на корупцијата и попречување на правдата и на владеењето на правото, без разлика од која политичка страна или институција и да доаѓаат, исто како што тоа го направија на вчерашниот масовен протест. А таквите протести многу почесто и помасовно доправа ќе доаѓаат исто како и новата пролет.