Познати личности кои не напуштија во 2020 година: Корона вирусот беше пресуден за многу од нив!

by fokus

Во надеж дека годината која доаѓа ќе биде подобра, и пандемијата ќе остане зад нас, за човештвото 2020 година останува како лош период кој долго ќе се памти. Голем број на познати личности од земјава не напуштија оваа година, а повеќето од нив починаа од последици на Ковид-19.

Како прва јавна личност која во Македонија почина од последици на корона вирус беше популарниот музичар и ТВ водител Драган Вучиќ. Веста за неговата смрт молскавично проструи во јавноста на четврти мај. Имаше 65 години и ја загуби битката со болеста на Инфективната клиника во Скопје.

Наредниот месец, македонската електронска сцена остана без Ристо Мелоски, познат како диџеј Ицко од Антена 5. И тој ја изгуби битката со корона вирусот на Инфективната клиника во Скопје. Имаше само 48 години.

Познатиот музичар од Гевгелија Васил Ангов исто така почина од последици на корона вирус на приватна клиника во Скопје во октомври. Тогаш д-р Сашко Олумчев од ЦЈЗ Гевгелија ни изјави дека состојбата на Васил му се влошила преку ноќ, а неговата смрт ја потресе Гевгелија, каде музичарот беше омилен со своите редовни настапи.

Фолк пејачот од Кавадарци пак, Блаже Богев, почина во геријатриски центар во Скопје на 68-годишна возраст во месец јули. Неколку години наназад се бореше со тешка дијагноза, тумор на малиот мозок.

Прилепскиот музичар Ѓорѓи Желчески, познат од дуото Селимова – Желчески, почина на 82 години во Белград, во февруари.

И популарниот колекционер на олдтајмери и главен протагонист во документарниот филм ,,Со љубов”, Дионис Пашлаков од Неготино, на ја дочека 2021 година. Почина по неколку месечна борба со леукемијата, во ноември, пред да наполни 72 години.

Претседателот на Сојузот на Ромите и пратеник во пензија, Амди Бајрам, почина во октомври, само неколку месеци по пензионирањето, на 64-годишна возраст. Покрај многуте здравствени проблеми со кои се соочуваше последните годините, тој бил и ковид позитивен.

На почетокот на месец декември во Битола на 67-годишна возраст почина Благоја Стефановски-Баге, поранешен министер за култура и долгогодишен директор на Битолскиот театар. Имал здравствени проблеми, а бил и позитивен на вирусот.
Неколку дена пред него од последици на ковид битката за живот ја изгуби и Енвер Малиќи, заменик градоначалник на Град Скопје и бизнисмен. Бизнисменот и фудбалски работник од Кратово, Љубисав Иванов Ѕинго почина во ноември, на 84 години.

2020 година беше кобна и за доајенот на македонската музика, Нина Спирова. Прилепчанката почина на 82-годишна возраст во септември.

И во регионот голем број на јавни личности починаа оваа година. Исидора Бјелица, Рајко Дујмиќ, Мустафа Надаревиќ, Џеј Рамадановски, Миша Алексиќ, Бојан Златановиќ, Иван Бекјарев, Крунослав Киќо Слабинац, Срѓан Гајиќ, Изета Беба Селимовиќ, Лилјана Петровиќ, Неда Арнериќ се само дел од популарните музичари и актери кои не напуштија во 2020 година.

Вики Клинчарова

Поврзани новости