Позитивен тест и промоција на песна во ист ден за Огнен Здравковски

by Fokus

На денешниот ден посебно му се радував, бидејќи мојата нова песна „Љуби ме” ќе биде промовирана, но се случи во ист ден кога треба да се радувам на успехот, да го добијам и мојот позитивен резултат на Ковид-19. Чувствата ми се помешани, ама решив дека промоцијата сепак ќе се случи – вели младиот поп пејач Огнен Здравковски, внук од сестра на маестро Зоран Џорлев.

Во етерот денес веќе е пуштена неговата нумера за која текстот го напиша Магдалена Цветковска Ена, а музиката и аранжманот се на Димитар Андоновски. За истата пред три седмици се сними и видео запис, под режисерската палка на Гордан Божиновски.

Огнен поради благи симптоми на вирусот се тестирал, и останува на домашно лекување. Вели дека ги почитувал мерките за заштита од Ковид-19 и не знае како се инфицирал. Додава дека вирусот не го поколебал да го спроведе планот околу промоцијата на која доста и се радувал.

-Верувам во песната, верувам и во себе и знам дека ќе излезам како победник во оваа битка – вели младото момче. Тој и стана познат на јавноста по своето учество во регионалното музичко талент шоу Ѕвездите на Гранд, каде веднаш ја доби поддршката од публиката и од жири комисијата.

За Огнен, чиј дедо е легендата на македонската фолклорна музика Наско Џорлев, пишуваа и регионалните медиуми, предвидувајќи му успешна музичка кариера, не само поради генот, туку и поради талентот и љубовта со која е посветен на музиката.

Вики Клинчарова

Поврзани новости