Повторување на судската постапка за повреда на слободата на изразување на новинарот Влатко Стојановски на 27 април!

Откако Уставниот суд лани утврди дека му била повредена слободата на изразување на новинарот на „Фокус“, Влатко Стојановски, за време на настаните во Собранието на 27 април 2017 година, постапката ќе се повтори пред основниот Граѓански суд, бидејќи Апелација ја одби жалбата на Државното правобранителство.

by Фокус

Откако Уставниот суд донесе одлука со која се утврди дека е сторена повреда на слободата на јавно изразување на мислата на новинарот на „Фокус“, Влатко Стојановски, за време на настаните во Собранието од 27 април 2017 година, што било пропуштено да се констатира со пресудите на пониските судови, ќе се повтори судската постапката по однос на неговото тужбено барање во целост, кое првично беше одбиено.

Ваков епилог следува откако новинарот Стојановски, врз основа на одлуката на Уставниот суд, поднесе барање за повторување на постапката до надлежниот основен граѓански суд во Скопје. Откако овој суд го прифати барањето, Државното правобранителство поднесе жалба до второстепениот апелациски суд, кој ја одби жалбата како неоснована.

За потсетување, Уставниот суд на седница одржана на 12.07.2023 година донесе одлука со која се утврди дека е сторена повреда на слободата на јавно изразување на мислата на Стојановски, сторена со две пресуди – една од Граѓанскиот суд Скопје од 2021 година и една од Апелациониот суд Скопје, исто така од 2021 година.

Уставен утврди повреда на слободата на изразување на новинарот на „Фокус“, Влатко Стојановски, во Собранието на 27 април

„Појдовна основа за заземањето на овој став на Судот е тоа што слободата на медиумите како составен дел од слободата на изразувањето, ја опфаќа слободата на јавното информирање и слободното примање и пренесување на информации за прашањата од јавен интерес.

Сето ова претставува предуслов на постоење на демократско општество бидејќи слободната комуникација на информации и идеи за политичките и другите општествени прашања од јавен интерес се од суштинско значење.

Ова имплицира слобода на медиумите да добиваат информации врз основа на кои тие ќе можат да ја остваруваат својата улога, да коментираат и известуваат за сите значајни прашања од јавен интерес“, соопштија тогаш од Судот.

Дополнително, од таму додоа дека наведените околности се важни и релевантни, но не се земени во предвид од страна на надлежните судови кои одлучувале по барање на подносителот. Воедно, посочија дека нивната одлука е деклараторна и барателот ќе може неговите права да ги оствари пред надлежните судови.

Врз основа на тоа, новинарот Влатко Стојановски побара повторување на постапката по однос на тужбеното барање за надомест на нематеријална штета поради претрпен страв и душевни болки, како и поради повреда на слободата на изразување, што всушност ќе се случи откако граѓанскиот суд го прифати барањето, а апелација последно ја одби жалбата на ДП.

Според Стојановски, државата не ја гарантирала неговата безбедност на 27.04.2017 година при извршување на работната задача во Собранието, а основниот и апелацискиот суд не ги зеле предвид тужбените барања за повреда на слободата на изразување и настаните коишто му се случиле, односно директните напади кон него, бидејќи како новинар известувал за прашања од јавен интерес.

Поради тоа, тој поднесе иницијатива до Уставниот суд со која побара да се утврдат повреди на уставно загарантираните слободи и права, кои, според него, се направени со пресудите на пониските судови. Во неговата иницијатива се наведуваше дека со пресудите на двата суда е повредена уставно гарантираната слобода на изразување и членот 10 од Европската конвенција за човекови права.

Уставната судијка и поранешна претседателка на Уставниот суд, Добрила Кацарска, на крајот на ланската година изјави дека државата не го заштитила новинарот на „Фокус“ Стојановски на 27 април 2017 година и не му овозможила како новинар слободно да ја работи својата работа и да ја изнесе и јавно изрази својата мисла.

Во интервју на ТВ 24, Кацарска рече дека ги читала пресудите на граѓанскиот суд и на апелациониот суд за Стојановски и, како што истакна, за неа несфатливо било како може во пресуда да пишува дека државата направила доволно со самиот факт што поднела обвинение за некои учесници во настаните од 27 април.

Кацарска: Државата не го заштити новинарот на „Фокус“ Влатко Стојановски на 27 април и не му овозможи слободно да работи!

Бидејќи јас го судев тој предмет и гледавме многу снимки, ќе кажам дека не е точно дека државата направи било што за да ги заштити граѓаните, пратениците, новинарите и вработените во собранието. Таму имаше еден мал број присутни припадници на полицијата, облечени во целосна борбена униформа, кои едноставно не ни седеа на фотелјите туку беа залегнати на фотелјите, се поздравуваа со оние маскирани лица, а на некои даваа и вода.

И како граѓанскиот суд поврзува дека полицијата доволно направила со тоа тто поднела обвинение ми беше несфатливо, навистина бев вчудоневидена. Од друга страна, државата не можела да обезбеди доволно полиција за да ги заштити сите граѓани што протестираат. Судовите не ја направиле основната разлика.

Влатко Стојановски не беше присутен на тие протести како граѓанин, беше присутен како новинар и државата не го заштити него како новинар и не му овозможи слободно да ја работи својата работа и слободно да ја изнесе својата мисла, јавно да ја изрази. И тука Уставниот суд реагираше и утврди таква повреда – рече Кацарска.

Имено, скопскиот граѓански суд во 2021 година го одбива тужбеното барање на Стојановски, а второстепена апелација ја запечатува ваквата одлука, прифаќајки ја аргументацијата на Државното правобранителство, чија главна позиција беше дека подносителот нема што да бара, бидејќи немал физички повреди.

Иако самиот суд констатира дека не е спорно дека во парламентот влегла толпа демонстранти, што кулминирало со навреди и насилство, ниту дека Стојановски како акредитиран новинар на „Фокус“  бил присутен и изложен на страв и навреди, сепак, сметаше дека „државата одговара само за штети настани од смрт, телесна повреда или оштетување поради акти на насилство“.

„Како последица на настанот, тужителот, не само што не претрпел телесна повреда, туку нема оштетување на сопствен имот, па за стравот што тужителот го претрпел, а кој за судот е неспорен (човечки е нормално секоја личност да доживее страв, но во колкав интензитет, тоа зависи од карактерот на личноста и неговата емоционална состојба), тужениот (државата) нема обврска да исплати надомест на нематеријална штета…“, наведе граѓанскиот суд.

Правда за новинарите за „крвавиот четврток“!

Потоа, во пресудата се предочува дека стравот, во отсуство на телесна повреда, е правно релевантен за надомест на нематеријална штета, но само од лицата што го предизвикале настанот. На тој начин, судот отфрла одговорност на државата и институциите и практично го упати подносителот Стојановски правдата да ја бара од оние што го извршиле чинот.

Тужителот не бил ограничен во правото да прибира, анализира, обработува, обликува, класифицира информации, истиот не пробал во текот на настаните да известува за настаните и да го искажува своето мислење, дотолку повеќе што државата има должност да го штити човековиот интегритет, па во случајот била должна да го обезбеди животот и здравјето на тужителот како новинар, а не да го штити неговото новинарско право…“, наведува судот.

Пред неколку месеци, новинарот Стојановски на „Слободен печат“ и „Градска.мк“ говореше за упадот во Собранието на „крвавиот четврток“. Во таа прилика, тој изјави:

„Со одлуката на Уставниот суд се побија аргументите и наводите на пониските судови, кои го одбија моето тужбено барање со кое јас за „27 април“ барам надомест на нематеријална штета за претрпен стрес и повреда на слободата на изразување на мислата.

Јас тој ден во Собранието не бев како граѓанин, туку како новинар, и пониските судови не ја прават таа разлика. Тие велат дека мене државата требало да ме заштити како граѓанин, а не да го брани моето новинарско право, но тие 2 работи се во меѓусебна корелација.

Ако нема безбедност за новинарите, а тогаш не беа безбедни ниту новинарите ниту било кој, тогаш фактички тие не можат да си ја вршат својата работа. И Уставниот суд јасно кажа дека моето право на слободно изразување на мислата било нарушено, а негов составен дел е слободата на медиумите.

Тоа подразбира слободно прибирање и пренесување на информациите. Со оневозможување на новинарите да ја вршат својата работа, беше ограничен каналот на пренесување на информации до граѓаните и јавноста.

Инаку, Уставниот суд не ги поништува пониските судски одлуки, но претставува основа ние да бараме повторување на постапката, па сега чекаме да видиме како ќе се развива ситуацијата. Според мене, овде веќе нема што да се утврдува и докажува, туку само да се констатира.

Еве 7 години се поминати без позитивна судска одлука, ќе поминат уште неколку сигурно. Дури и да ја добиеме очекуваната правда, иако неизвесно е дали ќе биде така, ќе станува збор за бавна правда и во таков случај секогаш се поставува прашањето дали бавната правда може воопшто да се смета за правда?“.

Влатко Стојановски за „27 април“: Бавната правда и селективната правда се неправда!

Поврзани новости