Правда за новинарите за „крвавиот четврток“!

Уставниот суд ме упатува повторно правата да ги барам пред пониските судови, па останува да видиме дали во новата постапка тие пак ќе демонстрираат ограниченост и површност, или, пак, ќе го земат предвид ставот на највисокиот суд дека ми е сторена повреда на слободата на јавно изразување на мислата.

by Фокус

Шест години по „крвавиот четврток“, Уставниот суд одлучи дека ми била сторена повреда на слободата на јавно изразување, кога практично бев оневозможен да си ја вршам работата како новинар на „Фокус“ поради насилниот упад на демонстрантите во парламентот. Сепак, така не мислеше основниот граѓански суд, кој пресуди, а второстепена апелација потврди, дека државата требало да се грижи за здравјето и сигурноста на новинарите, а не за правото да известуваат!? Па, во случајов не се грижеше ниту за едното, ниту за другото, а двете работи природно коегзистираат – безбедноста е основен предуслов за работа.

Пишува: Влатко СТОЈАНОВСКИ

27 април, 2017 година беше релативно нормален ден, сè додека не се случи упад во парламентот во попладневните часови поради што остана запаметен како „крвавиот четврток“. Иако оттогаш до денес помина, што би се рекло, цела вечност, сепак, сè уште се свежи сеќавањата за еден од најцрните денови на младата македонска демократија.

Едноставно, лошите спомени од овој настан се длабоко вкоренети кај сите, но, пред сè, кај оние што беа присутни во законодавниот дом, каде што граѓанска толпа, очигледно инструирана од тогашната власт во заминување, крвнички нападна и малтретираше пратеници од новото парламентарно мнозинство, а со самото тоа и граѓаните што тие ги претставуваат.

Меѓу другите, присутни беа и новинарите, кои со свои очи ја засведочија тиранијата врз парламентарното мнозинство, што не значеше ништо друго, освен удар врз демократските институции под маската на наводна одбрана на Уставот, во што асистираа и заробените институции, кои реагираа дури час и половина откако народни избраници беа изложени на насилство и линч, па дури и за обид за убиство.

Како еден од новинарите што беа присутни на овој дивјачки чин, веднаш потоа напишав: „Или земјава ќе го прележи најцрниот ден за македонската демократија како болест по која ќе излезе посилна, или ќе потоне заедно со оние сили што ја ставија како влог за спас на сопствената политичка кариера и слобода, за да можат слободно да ги трошат украдените пари од народот, од кој еден дел, изманипулиран до крајни граници, го брани нивниот криминал мислејќи дека ја брани државата“.

Во меѓувреме, државата падна на тестот, а најмногу во однос на новинарите, кои веќе со години се влечеме низ судските лавиринти за да докажеме дека на „крвавиот четврток“ била нарушена нашата безбедност, а со тоа сме биле и оневозможени да си ја вршиме работата во интерес на јавноста, односно да информираме за настан од врвен јавен интерес – избор на претседател на Собранието, и тоа во услови и атмосфера на насилство.

Што се однесува до мојот случај, скопскиот граѓански суд во 2021 година ми го одбива тужбеното барање за надомест на нематеријална штета поради претрпен страв и душевни болки, како и поради повреда на слободата на изразување, додека второстепена апелација ја запечатува ваквата одлука. Притоа, образложението изобилува со небулози и контрадикторности, впрочем исто како и целата постапка.

Главната позиција на државата, застапувана од Државното правобранителство, кое, замислете, „домаќински“ одлучи да го брани државниот буџет од „мегаломанските“ апетити на новинарите, додека истовремено се обелодени како исплаќале огромни хонорари на незаконски начин на блиски лица, беше дека нема што да барам, бидејќи не сум имал физички повреди?!

Демек, претрпениот страв може да биде последица само на телесна повреда, а не може да произлезе како последица на дивеење на разгневена толпа, која бараше да се пресмета со предавници, вклучително и со неподобни медиуми и новинари?! Значи, тоа што со соочивме со маскирани насилници, кои правеа инспекција кој новинар од кој медиум е, кои се обидуваа да ја пробијат вратата каде што бевме засолнети додека чекавме евакуација, не може да предизвика страв?!

Сепак, како и во многу случаи против државата досега, судот ја прифати аргументацијата на правобранителството, иако и самиот констатира дека не е спорно дека во парламентот влегла толпа демонстранти, што кулминирало со навреди, насилство и кршење и фрлање предмети. Патем, за судот не било ниту спорно дека јас како акредитиран новинар на „Фокус“ сум бил присутен на настанот и дека сум бил изложен на страв и навреди.

Арно ама, смета дека „државата одговара само за штети настани од смрт, телесна повреда или оштетување поради акти на насилство“, што во случајов не било така. Со други зборови, требало да бидам претепан и повреден за да биде пресудено во моја корист, бидејќи само така најдобро ќе сум доживеел состојба на страв, кој, за судот, и онака е субјективна категорија зависна од повеќе фактори.

„Како последица на настанот, тужителот, не само што не претрпел телесна повреда, туку нема оштетување на сопствен имот, па за стравот што тужителот го претрпел, а кој за судот е неспорен (човечки е нормално секоја личност да доживее страв, но во колкав интензитет, тоа зависи од карактерот на личноста и неговата емоционална состојба), тужениот (државата) нема обврска да исплати надомест на нематеријална штета…“, ќе наведе судот.

Потоа, во пресудата се предочува дека стравот, во отсуство на телесна повреда, е правно релевантен за надомест на нематеријална штета, но само од лицата што го предизвикале настанот. На тој начин, судот отфрла одговорност на државата и институциите и практично ме упатува правдата да ја барам од оние што го извршиле чинот?! Каква иронија и хипокризија!

Кој е главниот причинител? Дали треба отштета да барам од Ќосето, Југ, Ченто и другите што лежат затвор за „терористичко загрозување на уставниот поредок“? Или, пак, од Чавков, кој не ја употребил т.н. златна команда во МВР да го спречи упадот? Или можеби од Крсто и од другите пратеници, кои ги отворија вратите, но, нели, потоа беа амнестирани за повисоки цели? Меѓутоа, кој нив им ги дал клучевите?

Така до бескрај може да се разводнува одговорноста, наместо да се концентрира на едно место, а тоа бездруго е државата, односно надлежните институции, органи и служби. Односно, тоа е МВР, кое е генерално задолжено за безбедноста на граѓаните и институциите, а, конечно, под негова капа е и службата за обезбедување на Собранието. Сè друго преставува класична манипулација.

Арно ама, судот не застанува тука, па со слична површна експликација го отфрла и делот што се однесува на нарушено право на слобода на изразување. Според судот, цитирам, кога има настан од овој тип, „не може да стане збор дека државата не им овозможила на тужителот како новинар и останатите лица како новинари да ги изразат своите мислења и идеи без страв“.

Тужителот не бил ограничен во правото да прибира, анализира, обработува, обликува, класифицира информации, истиот не пробал во текот на настаните да известува за настаните и да го искажува своето мислење, дотолку повеќе што државата има должност да го штити човековиот интегритет, па во случајот била должна да го обезбеди животот и здравјето на тужителот како новинар, а не да го штити неговото новинарско право…“, наведува судот.

Каква „феноменална“ констатација – државата требало да се грижи за здравјето и сигурноста на новинарите, а не правото да известуваат!? Па, во случајов не се грижеше ниту за едното, ниту за другото, а двете работи природно коегзистираат. Имено, безбедноста е основен предуслов за работа на новинарите.

Јас непречено информирав сè до прес-конференцијата на новоизбраниот претседател Џафери, кога впрочем се случи упадот во просторијата. Во целиот хаос, се разбира дека престанав да известувам. Зар, наместо да спасувам жива гласа, требаше тоа да го правам по секоја цена, да предизвикам директен напад од некој од насилниците, да се здобијам со повреда, па дури тогаш да добијам правда?

Секако дека не! И тоа не е само мој став, на фелата и пошироката јавност, туку и на Уставниот суд, кој конечно малку го обели образот на судството со доверба од само 1 отсто, откако одлучи дека пониските судови згрешиле во мојот случај, бидејќи не зеле предвид „важни и релевантни околности“.

Јасно и недвосмислено, највисокиот суд оцени дека ми е сторена повреда на слободата на јавно изразување на мислата на „крвавиот четврток“, а појдовна основа за заземањето на овој став е тоа што „слободата на медиумите, како составен дел од слободата на изразувањето, ја опфаќа слободата на јавното информирање и слободното примање и пренесување информации за прашањата од јавен интерес“.

„Сето ова претставува предуслов на постоење демократско општество бидејќи слободната комуникација на информации и идеи за политичките и другите општествени прашања од јавен интерес се од суштинско значење“, соопшти судот, според кој, ова имплицира слобода на медиумите да добиваат информации врз основа на кои тие ќе можат да ја остваруваат својата улога.

На тој начин, највисокиот суд ме упатува повторно правата да ги барам пред пониските судови, па останува да видиме дали во новата постапка тие пак ќе демонстрираат ограниченост, кусогледост и тврдоглавост, или, пак, ќе го земат предвид ставот на највисокиот суд. Во секој случај, Стразбур останува крајна солуција.

Поврзани новости