Државата не го заштити новинарот на „Фокус“ Влатко Стојановски на 27 април 2017 година и не му овозможи како новинар слободно да ја работи својата работа и да ја изнесе и јавно изрази својата мисла, рече претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска во вчерашното интервју на ТВ 24.
Кацарска беше прашана за судската одлука според која ИРЛ не е медиум, а нивните членови не се новинари и не смее да објавуваат истражувања за кои се однесуваше тужбата, меѓутоа таа одби да коментира неправосилна пресуда на граѓанскиот суд, која најверојатно ќе оди по жалба.
–Да го почекаме апелациониот суд во Скопје. Не би можела да коментирам ни од аспект што не сум ја прочитала одлуката и таа пресуда не сум ја видела воопшто. Можам да кажам дека цензурата е забранета со Устав, воедно слободата на изразување на мислата, слободата на јавно изразување е уставно загарантирано – рече Кацарска.
Од аспект на слобода на изразување на мислата, таа посочи дека може да коментира за случајот на Стојановски од „Фокус“, бидејќи Уставниот суд одлучуваше за овој предмет и утврди повреда на слободата на изразување на новинарот за време на крвавите настани во Собранието на 27 април.
Притоа, претседателката на Уставниот суд рече дека ги читала пресудите на граѓанскиот суд и на апелациониот суд за Стојановски и, како што истакна, за неа несфатливо било како може во пресуда да пишува дека државата направила доволно со самиот факт што поднела обвинение за некои учесници во настаните од 27 април.
–Бидејќи јас го судев тој предмет и гледавме многу снимки, ќе кажам дека не е точно дека државата направи било што за да ги заштити граѓаните, пратениците, новинарите и вработените во собранието. Таму имаше еден мал број присутни припадници на полицијата, облечени во целосна борбена униформа, кои едноставно не ни седеа на фотелјите туку беа залегнати на фотелјите, се поздравуваа со оние маскирани лица, а на некои даваа и вода.
И како граѓанскиот суд поврзува дека полицијата доволно направила со тоа тто поднела обвинение ми беше несфатливо, навистина бев вчудоневидена. Од друга страна, државата не можела да обезбеди доволно полиција за да ги заштити сите граѓани што протестираат. Судовите не ја направиле основната разлика.
Влатко Стојановски не беше присутен на тие протести како граѓанин, беше присутен како новинар и државата не го заштити него како новинар и не му овозможи слободно да ја работи својата работа и слободно да ја изнесе својата мисла, јавно да ја изрази. И тука Уставниот суд реагираше и утврди таква повреда – рече Кацарска.
Инаку, Уставниот суд на седница во јули годинава донесе одлука со која се утврди дека е сторена повреда на слободата на јавно изразување на мислата на новинарот на „Фокус“, Влатко Стојановски, сторена со две пресуди – една од Граѓанскиот суд Скопје од 2021 година и една од Апелациониот суд Скопје исто така од 2021 година.
„Појдовна основа за заземањето на овој став на Судот е тоа што слободата на медиумите како составен дел од слободата на изразувањето, ја опфаќа слободата на јавното информирање и слободното примање и пренесување на информации за прашањата од јавен интерес.
Сето ова претставува предуслов на постоење на демократско општество бидејќи слободната комуникација на информации и идеи за политичките и другите општествени прашања од јавен интерес се од суштинско значење.
Ова имплицира слобода на медиумите да добиваат информации врз основа на кои тие ќе можат да ја остваруваат својата улога, да коментираат и известуваат за сите значајни прашања од јавен интерес“, соопштија тогаш од Судот.
Се работи за предметот во кој подносителот Стојановски бара да се утврдат повреди на уставно загарантираните слободи и права, кои, според него, се направени со пресуди на Основниот граѓански суд и Апелациониот суд Скопје. Во неговата иницијатива се наведуваше дека со пресудите на двата суда е повредена уставно гарантираната слобода на изразување и членот 10 од Европската конвенција за човекови права.
Според него, државата преку соодветни државни институции не ја гарантирала неговата безбедност на 27.04.2017 година при извршување на работната задача во Собранието, а двата суда со пресудите не ги зеле предвид тужбените барања за повреда на слободата на изразување и настаните коишто му се случиле, односно директните напади кон него во Собранието, бидејќи како новинар известувал за прашања од јавен интерес (конституирање на ново парламентарно мнозинство).
Граѓанскиот суд го одбил Стојановски со образложение дека членот 10 од ЕКЧП се однесувал на овозможување на секој да го изрази своето мислење во секојдневното живеење, а не во услови кога се случуваат акти на насилство како што бил настанот на 27.04.2017 година.
Правда за новинарите за „крвавиот четврток“!