Повторно одложено рочиштето во случајот Канческа против Шилегов

by fokus

Повторно се одложи соочувањето на министерката Елизабета Канческа- Милевска со портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов, во Основниот суд Скопје 2, каде што министерката го тужи Шилегов за клевета. Откако минатиот месец, поради отсуство на судијката, судењето беше одложено, утрово повторно од судот не информираа дека судијката имала друга обврска. Во судот се појави Шилегов, но не и министерката. Наредното рочичиште е закажано за 21 јануари.

– За мене е индикативно тоа што во судот повторно не се појави тужителката, што покажува дека таа знаела дека судењето ќе се одложи. Ова пак во старт покажува дека сме нерамноправни – изјави Шилегов.

Министерката од портпаролот на СДСМ бара 11.000 евра обештетување за навреда на честа и угледот, бидејќи како што се наведува во тужбата, била навредена од зборовите на Шилегов, со кои бараше нејзина одговорност за проектот „Скопје 2014“.

-Госпоѓата Канческа -Милевска се обидува да ја одбегне и одговорноста за скандалите поврзани со начинот на кој што се трошат парите на граѓаните и на кој начин се спроведуваат јавните набавки поврзани со проектот “Скопје 2014“. Дали на овој начин се испумпуваат милионски суми пари од граѓаните кој што потоа се слеваат во џебовите на партиски функционери на ВМРО-ДПМНЕ и дали заради ова се уште од јавноста се крие основниот договор за изведба на Стариот театар…, дел од изјавите на Шилегов, од кои министерката била навредена.

Адвокатот на Шилегов, Филип Медарски, пак, во одговорот на тужбата што ја доставил до судот, бара тужбата да се отфрли како неоснована, бидејќи „клеветничките“ изјави, кои биле презентирани во тужбата, биле извадени од контекст.

-Тужениот никаде тужителката директно не ја обвинува за некаков криминал, туку ги искажува сомневањата во врска со тоа, на што има легитимно право, бидејќи постапува во заштита на јавниот интерес (така тој зборува за постоење на основано сомневање дека истата сторила злоупотреба), се вели во одговорот на тужбата, поднесена од адвокатот Медарски.

Неодамна, портпаролот на СДСМ, за клевета го тужеше и министерката Гордана Јанкуловска. Првостепениот суд одлучи дека Шилегов треба да и плати над 8.000 евра на министерката за лекување на душевните болки кои и ги нанел.

 

Поврзани новости