Потомците на борците ги продаваат партизанските ордени за по 100 евра!

by Фокус

Текстот е објавен на 23 ноември 2007-ма година во неделникот „Фокус“ во бројот 647

Пишувал
Блаже МИНЕВСКИ

Историската антикварница на кејот во Скопје, единствена од таков вид во Македонија, буквално е затрупана со стари ордени, споменици и пофалници што ги нудат разни лица кои сакаат да се ослободат од нив, а притоа нешто и да заработат. Освен ордените, кои се најбарани од странците, засега добро одат и униформите на поранешната ЈНА, па веќе се продадени неколку генералски, но и униформи со пониски чинови. Сега во антикварницата имаат само една генералска униформа, и тоа од генерал на военото воздухопловство.

Според Синиша Маниќ, дипломиран вајар и конзерватор, кој веќе пет години работи во оваа чудна продавница на тажни спомени и пропаднати идеали, ордените најчесто се продаваат од социјални причини, но има и случаи кога сопствениците сакаат да се ослободат од минатото со тоа што ќе се ослободат од сѐ што ги потсетува на тоа време. Иако се многу ретки, сепак има и такви случаи кога се нуди некаков орден во антикварницата едноставно затоа што луѓето имале два или затоа што сопственикот на орденот веќе не е жив, а орденот не заминал со него по гробот.

ТРАНЗИЦИОНА ТРГОВИЈА – ОРДЕН ЗА ЛЕБ!

– Вредноста на орденот е голема за оној што го добил, но потоа цената паѓа затоа што секоја следна генерација не е врзана со спомени, и за нив тоа е само парче метал што може добро да се продаде. Што би му значела сега, на пример, Партизанска споменица на момче што е родено пред дваесеттина години, кое ниту знае, ниту сака да знае за какви заслуги се добивала таа.

Или што би му значела на невработен кој има веќе четириесет години Орденот на трудот со златни зраци на неговиот дедо добиен по повод 40-те години успешна работа во социјализмот и самоуправувањето, на пример. Секојдневно, кај нас доаѓаат по неколку луѓе кои нудат разни социјалистички ордени, пофалници, одликувања. За секој таков предмет одредуваме каталошка цена според неколку критериуми, меѓу кои се, на пример, времето кога е доделен рангот на значење и вредноста на самиот орден од уметнички аспект.

За жал, кај нас работата со антиквитети е на многу ниско ниво, па затоа и цените се релативно ниски. Меѓутоа и за такви цени луѓето ги продаваат своите ордени најчесто за да преживеат. Од друга страна, единствени купувачи на ваквите атниквитети се странците кои работат во разни мисии во Македонија, но и на Косово.

Пред неколку дена дојде еден наш муштерија, кој неколку години работеше во мисијата на КФОР во Косово, и ги купи сите знамиња што ги имавме. Странците ги купуваат и ордените, но купуваат и униформи на ЈНА. Еден од нив пред неколку дена ми објасни дека униформите и ордените му требаат за да се маскира во деновите кога кај нив се маскираат за празникот на вештиците – вели Маниќ покажувајќи ни ги купиштата ордени уредно наредени и класифицирани според значењето и периодот кога се доделувале.

Според вообичаената практика за работа со вакви предмети во антикварница, до секој орден или значка стои текст за времето и заслугите за кои бил доделен, потоа краток опис на орденот, како и кој го доделувал и од што е изработен самиот орден. Се разбира, највредните ордени во комунизмот ги доделувал Тито, односно неговиот Кабинет, но има ордени што ги давале братските републики и покраини, па во случајот со Македонија, на пример, нив најдолго ги доделувале другарот Лазо Колишевски и другарот Крсте Црвенковски.

Сега, неколку децении подоцна, во антикварницата не може да се почувствува радоста на оние што ги добивале ордените, туку можеби само задоволството на оние што ги продаваат добивајќи одредена сума пари за премостување на сиромаштијата, што би рекле експертите.ОРДЕН ЗА ХРАБРОСТ ЗА 50 ЕВРА

– Од оние што сега ги имаме на располагање, најпрестижна е Партизанската споменица, која им се доделувала на борците што учествувале во Втората светска војна од 1941 до 1945-та година. Се разбира, истовремено Споменицата е и највреден предмет во збирката од тој период, па затоа цената за наши услови му е релативно висока – 120 евра. Досега имаме продадено неколку вакви партизански споменици. И нив ги купуваат странци, најчесто колекционери кои имаат свои збирки за времето на комунизмот на просторот од Русија до Балканот.

Многу интересни за колекционерите се и Ордените за храброст, кои се доделувале по Втората светска војна а важеле за храброста покажана за време на војната. Храброста тогаш се наградувала со ордени кои носеле престиж во општеството, зашто да се биде јавно признат за храбар човек не било мала работа. Денес таа храброст во нашата антикварница се продава за 50 евра.

Орденот оди со повелба, а секој Орден има печат, сериски број и други податоци. Се разбира, ние имаме прецизна евиденција кој ни го продал секој таков орден, но тие податоци не се за јавност; тоа се податоци кои се потребни за легално функционирање на една антикварница од наш профил. Нашата антикварница има долга традиција, а сопственикот Стоиле Трајковски со оваа работа се занимава веќе триесет години.

Освен Орденот за храброст, кој се доделувал за особена храброст за време на фашистичката окупација на Балканот, старата, Титова Југославија, доделувала и Орден на Народната армија, кој го добивале оние што служеле во нејзините редови во опасните времиња за опстанок на државата, односно во периодот од 1945 до 1951-та година.

Овој орден го добивале само воени лица, а се доделувал на празникот на армијата. Бидејќи партизански Ордени за храброст веројатно има повеќе отколку Ордени на Армијата, цената на овој орден е 70 евра, што значи дека за дваесет евра е поскап од Орденот за храброст. Од друга страна, пак, Орденот за труд со сребрени зраци, кој ни го продал некој за да закрпи неколку дена без труд, чини само 20 евра.

Толку паднало во меѓувреме значењето на трудот во општеството. Овој орден на трудољубивите самоуправувачи, им се доделувал на трудбениците и трудбеничките од 1945 до 1980-та година. Многу работници добиле вакви ордени, но и покрај тоа ниту еден ваков орден не ги спаси нивните фабрики. Од сето тоа им останаа само ордените, кои сега им се единствено богатството – вели Маниќ барајќи друг орден во фиоките каде што се чуваат уредно средени според значењето и времето кога се доделувани.

ПЕДЕСЕТ ЕВРА ЗА БРАТСТВО И ЕДИНСТВО!

Пребарувајќи во фиоките, дипломираниот вајар и конзерватор Синиша Маниќ успеа да пронајде еден орден со име што сега делува иронично, иако до пред седумнаесет години било навистина престижно признание што го посакувал секој комунист. Откако ја подзабриша правта што се насобрала  на сомотот, ја отвори кутијката, и читаме: Орден за братство и единство!

Истиот миг низ главата ни минува слика на огромна редица луѓе кои стојат наредени еден до друг токму со ваков орден на градите. Каде се сега сите тие луѓе, и како им е да ги гледаат дома ваквите ордени, ако во меѓувреме не ги продале, се разбира. За какво братство и единство ги добиле, ако можат да се сетат. Инаку, орденот се доделувал од 1945-та до 1990-та година, а го добивале сите што се бореле за братство и единство, особено оние што го чувале како зеницата во окото.

– Примерокот на Орденот за братство и единство што го имаме во антикварницата е од периодот меѓу 1945 и 1953-та година, зашто државниот југословенски грб е со пет наместо со шест факели. Имено, до 1953-та година во грбот го немало факелот на Босна и Херцеговина, која уште не била посебна, рамноправна република во федерацијата. Од 1953-та година, орденот што во основа е стилизиран грб на тогашна Југославија, има шест факели.

Овој што ние го имаме се продава за 50 евра, а поновите секако би биле поефтини. Како што минува времето, така паѓа и цената на братството и единството. На крајот се распадна и армијата, која се чини најдолго инсистираше на тоа. Што се однесува до армијата, овде имаме и една Граничарска плакета, која се доделувала за празникот на граничарите, а секоја Република добивала по шест вакви признанија за најдобрите граничари.

Во 1969-та година меѓу шестмината Македонци кои ја добиле оваа плакета за своите заслуги во чување на границата, бил и извесен Благој Моневски, но којзнае од кои причини тој или некој друг од семејството подоцна плакетата ја продал. Бидејќи таа ни е единствена во антикварницата, нејзината цена е речиси колку Партизанската споменица, чини 100 евра, што значи дека е поскапа од Орденот за храброст за цели 50 евра.

Циниците можеби ќе постават прашање кога било потешко да се биде храбар во 1941-та или во 1969-та година, но за нас како антикварница важат други критериуми а не количината на храброста. А дека не се продаваат од зорт само ордени и споменици од времето на социјализмот и комунизмот, зборува и еден случај од пред неколку години кога кај нас дојде човек и ни понуди Илинденска споменица.

Кога го прашавме зошто ја продава, рече дека има две споменици: една од вујко му и една од татко му. Ја продаде едната за да преживее, а другата му остана за да се сеќава на својот татко.

Значи, како што кажав, освен за ордените, странците се интересираат и за униформите. Сега имаме само мали чинови, но кога се распаѓаше ЈНА имавме многу униформи со високи чинови, меѓу кои и генералски. Сите брзо беа продадени, се разбира најмногу на странците кои ги земаа за маскирање. Имаше случаи некои униформи да позајмуваме и за снимање на разни спотови, кратки филмови и слично.

Сега имаме само униформи со ситни чинови, а меѓу нив само една генералска, но од генерал на Военото воздухопловство. Униформата е со декларација, со сите податоци, а станува збор за генерал-потполковник. Секако, неа ја нема донесено лично генералот туку најверојатно некој од неговото семејство.

Пред неа имавме генералски униформи од разни родови, но никогаш немавме адмиралска униформа. Можеби затоа што Македонците не сакале да бидат офицери во југословенската морнарица или никој не успеал да стигне до адмирал. Исто така, имаме и разни капи од повеќе родови, како и шлемови, меѓу кои најстариот е од Правата светска војна. Имаме и капа на грчката армија стара триесетина години. Не знам како стигнала до нас, но сигурно стигнала без војникот – вели на шега Маниќ.

МАКЕДОНЦИТЕ ДОБИВАЛЕ ОРДЕНИ И ОД СРПСКИТЕ КРАЛЕВИ!

Според Маниќ, кај купувачите, претежно странци, најголем интерес има за ордените, особено за оние што се доделувале за време на Втората светска војна. Освен за нив, купувачите се интересираат и за бајонети од Првата светска војна, но и подоцна, како и за шлемови и знамиња. Најчесто станува збор за колекционери кои тука доаѓаат до примероци кои можат да ги купат за многу пониска цена од вообичаената.

За некои луѓе колекционерството веќе не е само хоби туку и бизнис, па затоа и за вакви ордени, кои историјата ги исфрлила на буниште, издвојуваат значајни средства знаејќи дека негде тоа ќе чини многу повеќе. Само во Белград, на пример, има клуб на колекционери со околу 5.000 членови, а тие издаваат и списание „Динар“ во кое редовно има и страници посветени на ордените и одликувањата.

– За секој купен орден, значка или одликување купувачот добива документ, сертификат и сметка за да може непречено да го пренесе тоа што го купил преку граница. Тоа е доказ дека купувачот на Орденот за храброст, на пример, до него дошол на легален начин, преку овластена антикварница која легално се занимава со трговија на антиквитети. Досега сме немале проблем некој од нашите клиенти со купен орден или нешто слично да се врати или да бара дополнителни консултации за да го изнесе тоа што го купил од Македонија.

За жал, кај нас повеќе се нуди отколку што се купува. Гледате колку сме претрупани со разни предмети, а луѓето еве доаѓаат нешто да понудат. Веднаш кога ќе ги видам знам дека најчесто доаѓаат од егзистенцијални причини, за да земат некој денар со кој ќе преживеат извесно време додека не најдат нешто друго што би можеле да го понудат за продажба. Во последно време чинам дека ги растураат своите колекции на ордени дури и оние што никогаш и не помислувале дека ќе дојде време да си ги продадат ордените со кои се гордееле – вели Маниќ, академски вајар и конзерватор, кој стручно ги има проучено сите предмети со кои располага антикварницата.

Се разбира, во витрините затрупани со стари предмети, освен таканаречените социјалистички ордени, има и многу постари примероци, кои ги продаваат внуци и правнуци на оние што ги добиле. Понекогаш од своите збирки се ослободуваат и колекционери, кои меѓу лебот и љубовта кон збирките, сепак го избираат лебот. Според Маниќ, причините за отуѓување на ордени во Македонија дефинитивно и најчесто се економски, а помасовна понуда на ордените започнала пред петнаесетина години.sveti sava

– Освен комунистичките ордени, во нашата колекција имаме и доста богата збирка на постари ордени. Станува збор за ордени стари и над сто години. На пример, имаме Орден на Свети Сава од 4-ти степен, востановен од крал Милутин Први Обреновиќ, кој почнал да се доделува од јануари 1883-та година. Според сертификатот Орденот Свети Сава се доделувал за заслуги во просветата, книжевноста, црковните работи и убавите уметности.

Овој орден е изработен од позлатено сребро, а лентата му е сино-бела. Тој се изработувал во Швајцарија, а имал пет степени. Одел во комплет со два помали. Него, но и неколку други од тој период, кај нас ги имаат донесено наши луѓе, кои најпрво доаѓаат да прашаат дали се интересираме за такви работи, а следниот ден ги носат ордените. Кога ќе се договориме се прави записник кога е донесен орденот, кој го донел и за колку пари е откупен. Вакви ордени наречени Свети Сава имавме десетина. Сега само еден.

Имаме и уште еден од тој период, наречен Орден на круната. Овие два ордена се најстари ордени што ги имаме во антикварницата. И вториот орден – Орденот на југословенската круна – исто така имал пет степени а се доделувал од октомври 1922-та до мај 1930-та година. Покровител на Орденот бил кралот Александар Први Караѓорѓевиќ, кој лично го доделувал за исклучителни достигнувања за државно-народно единство. Изработен е од позлатено сребро со темно-сина лента.

Вреден орден од аспект на колекционерство е и таканаречената Албанска споменица за заслуги на припадници на југословенската војска. Оваа споменица се доделувала за верност кон татковината, а на нашиот примерок пишува дека е доделен во 1915-та година. На споменицата е ликот на кралот Александар, а примерокот е изработен од цинк и месинг и е произведена во Париз. Вакви Албански споменици се доделувале од 1915 до 1941 година, а цената на нашиот примерок е 50 евра.

Интересна е и оваа Италијанска ѕвезда, која ја доделувало кралството на Велика Британија за учество во мисии на своите војници во периодот од 1914-та до 1962 -та година. Токму вакви ордени им се давале на заслужните старешини и војници во војната во Виетнам, но и за воените интервенции во африканските земји.

Имаме и ордени доделувани од Хитлер за време на Втората светска војна, но не верувам дека тие ордени ги има донесено кај нас некој што ги добил за воени заслуги како фашист. Претпоставувам дека таквите ордени кај нас се дојдени преку колекционери, кои немаат никакви идеолошки или какви било други бариери и интереси, освен колекционерството и бизнисот поврзан со него. Сепак, повторувам, најбарани се ордените од времето на комунизмот, и нив најмногу ги купуваат странците кои престојуваат по разни поводи во Македонија и регионот.

Би можело да се каже дека Орденот за храброст и Партизанската споменица одат како алва, но и другите си имаат свои муштерии. За жал, досега немаме ниту еден Орден Народен херој, па не можам да кажам колкава би била цената за еден таков орден. Ова што сега го имаме се продава од 20 до 120 евра, зависно од значењето и од  бројот на примероците што ги имаме на располагање – вели Синиша Маниќ.

Поврзани новости