После пет години македонско-руската Мешовита меѓувладина комисија ќе се сретне во Охрид

by fokus

Првпат по пет години, Мешовитата меѓувладина комисија за соработка  меѓу Македонија и Русија ќе ја одржи првата средба. Средбата е закажана за 14 – 16 ноември во Охрид, а  Идната недела во Москва ќе се одржат подготвителни средби.

Меѓувладината комисија ќе профункционира по речиси пет години, откако последниот состанок беше одржан во Калининград, Русија, во 2014-та.

– На средбата в среда ќе бидеме дел од делегацијата што ќе ја предводи министерот за земјоделство Трајан Димковски. Од руска страна ќе нè пречека копретседателот на Мешовитата комисија, Груздев. Предвидени се и средби со заменик-министерот за земјоделство, како и со заменик-претседателот на Стопанската комора на Руската Федерација. Ќе се разговра за зголемување на соработката, вели претседателот на Македонско-руската стопанска комора, Дејан Бешлиев.

На средбите во Москва ќе присуствуваат и претставници на Руската фитосанитарна и ветеринарна служба, која ги уредува правилата за извоз.

– Најавени се одредени измени во правилниците за увоз во Руската Федерација. Ќе биде многу добро однапред да ги добиеме тие информации за да ги споделиме со нашите компании, нагласува Бешлиев.

Поврзани новости