Посетителот на Груевски, Александар Трајковски: Царинска управа врши политички реваншизам кон мене!

by Fokus

Александар Трајковски, кој пред неколку месеци беше фотографиран во Будимпешта, во друштво на екс-премиерот во бегство, Никола Груевски се пожали на третманот што го има од Царинската управа.

„Царинската управа продолжува да ја реализира фингираната дисциплинска постапка против мене која е класичен пример за политички реваншизам кон мене како истакнат член на ВМРО-ДПМНЕ а воедно и Советник во Советот на Општина Гази Баба. На еден ден пред распишувањето на претседателските избори е донесено Решение за формирање на комисија за утврдување на моја одговорност, што го сметам за директен политички притисок кон мене во пресрет на изборите.
Дозволете да ја информирам јавноста за основата за покренувањето на дисциплинската постапка како и тоа дека истата е спротивна на мноштво закони, е фингирана и има за цел политички реваншизам.
Целокупната дисциплинска постапка е заснована на база на мислење на комисија од Лекарската комора на Република Македонија во кое комисијата на Лекарската комора вели дека не било потребно второ мислење за мојата здравствена состојба и дека не сум имал право на иследување во странство бидејќи не биле искористени сите ресурси за лекување во здравствениот систем на Република Македонија:
Никој неможе да ми го ускрати правото на второ лекарско мислење за состојбата на моето здравје. Со ваквото мислење на Лекарската комора е повреден Членот 39 од Уставот на Република Македонија вели: На секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита. Граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите. Исто така повреден е и членот 9 од Законот за заштита на правата на пациентите кој вели: Секој има право на второ лекарско мислење. Наводите дека не се искористени сите ресурси за лекување во здравствениот систем на Република Македонија се ирелевантни затоа што испитувањата во странство кои ги извршив не е на товар на државата туку во сопствена режија и на сопствен трошок. Ваквото мислење на комисијата на Лекарската комора ги крши моите основни човекови права и слободи загарантирани со Универзалната декларација за човекови права на Организацијата на Обединетите нации и Европската Конвенција за Човекови права.
Мислењето на Лекарската комора на Република Македонија е издадено врз основа на Правилникот за состав и начин на работа на комисиите за контрола на оцената за привремена спреченост за работа. Мислењето кое лекарската комисија при Лекарската комора го издала е спротивно на самиот Правилник бидејќи во истиот јасно стои дека: Комисиите свое мислење даваат врз основа на медицински преглед на осигуреникот, во мојот случај јас не сум повикан на медицински преглед од страна на комисија на Лекарската комора а издадено е мислење. Овој факт го докажува тоа дека оваа постапка е фингирана и има за цел политички реваншизам кон мене.
Имајќи предвид дека е извршена повреда на самата постапка која претходела на поведувањето на оваа фингирана дисциплинска постапка па донесувањето на одлука со која би бил казнет по автоматизам би била незаконита.
Со сето ова како и со незаконските прераспоредувања уште еднаш се докажува дискриминаторското однесување по основ на политичка припадност од страна на раководството на Царинската управа кон мене“, напиша Трајковски на својот профил на Фејсбук.

Поврзани новости