Новото продолжување на мерките против корона вирусот во Македонија повторно ќе ги остави стадионите и спортските сали без публика, барем до нареден петок, како што порача министерот за здравство, Венко Филипче.
Целата оваа ситуација ја следат и од ФФМ, во пресрет на важниот меч на фудбалската репрезентација на Македонија против Косово во рамки на плеј-офот од Лигата на нациите кој се игра на 26-ти март, а победникот од овој дуел ќе игра финале за ЕП 2020 против Грузија или Белорусија.
„Ние пред неколку дена имавме состанок во Амстердам и од УЕФА ни порачаа дека мечот не е загрозен од корона вирусот. Сепак, ние ќе ги следиме мерките на министерството за здравство, кое е надлежно за ваквата ситуација. Во најлош случај, можно е натпреварот да се игра пред празни трибини, а парите ќе им бидат вратени на сите кои купиле карти. Но, се зависи од одлуката на Министерството за здравство“, ни изјави Златко Андоновски, портпарол во ФФМ.
Доколку се случи ваква несакана ситуација, арената „Тодор Проески“ ќе остане без навивачи, кои досега покажаа сериозен интерес за овој натпревар.
Тоа секако ќе биде проблем, со оглед на историското значење на овој натпревар за нашите репрезентативци.
Фото – ФФМ
Јорданчо Цветаноски