“Титаник”: Донирале за ВМРО-ДПМНЕ, ама не на уплатница во банка, туку во партија, на каса прими

by fokus

На денешното судење за случајот “Титаник” сведочеа неколку сведоци кои тврдеа дека никогаш не донирале пари за ВМРО-ДПМНЕ, но сепак биле на официјалниот список за донации во 2011 година и тоа со донирани 60.000 денари, уплатени од нивно име во банка.

Но имаше и двајца сведоци кои иако тврдеа дека самите не ги уплатиле уплатниците на 60.000 денари во банка, сепак донирале за ВМРО-ДПМНЕ.

-Лично немам уплатено во банка на партиска сметка, туку во општински комитет, за што сум добил каса прими. Донациите сум ги давал како член на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, рече сведокот Горан Крстевски од Куманово.

На прашањето од обвинителката Лиле Стефанова дали во 2011 година издвоил 60.000 денари и ги дал на друго лице за да ги уплати во банка на сметка на партијата, сведокот рече дека не може да се сети дека од еднаш имал дадено толку голема сума.

-Сум давал по 2.000 -3.000 денари, па можеле овие средства се собирале и се уплатиле. Од 2006 година плаќам чланарина и донација за партијата, рече сведокот, кој додаде дека за чланарина давале кој колку можел.

За уплатницата од 60.000 денари прв пат дознал во СЈО, кога бил повикан на исказ.

Во иста насока сведочеше и Звонко Митров, вработен во Државен инспекторат за труд во Кочани.

На прашањето дали некогаш уплатил пари во банка за донација на политичка партија, сведокот рече дека не уплатил. Тој рече и дека никому не дал 60.000 денари за да во негово име уплати донација за ВМРО-ДПМНЕ.

Митров, на прашањето дали му е познато дека се наоѓа на официјалниот список на донатори на ВМРО-ДПМНЕ во 2011 година, рече дека не му е познато.

Тој на прашање на адвокатот Еленко Миланов истакна дека имал донирано за партијата во повеќе наврати, а парите ги предавал на претставник на партијата. Сведокот потенцираше дека донациите биле во поголем износ од 60.000 денари.

-Парите ги предавав на лицето Маријан, кој го викаа Поштарот, претставник на општинскиот комитет на Кочани. За дадените пари се потпишував на список и добивав каса прими, рече сведокот.

Тој на прашањето на адвокатот рече дека смета дека парите кои ги донирал, се оние истите кои биле уплатени на уплатница. Потенцираше дека лично смета дека тоа се негови пари, коментирајќи дека донирал и повеќе.  Обвинетиот Илија Димовски му цитираше дел од неговиот исказ даден во истрага, за тоа дека за партијата донирал од 350.000-400.000 денари и го праша дали е точно, на што сведокот одговори потврдно.

Судењето е во тек.

В.В.

 

Поврзани новости