Марин предвидел над 380 илјади евра за оддржување на спортски игралишта во Аеродром

by Фокус

Општина Аеродром деновиве го склучи највисокиот договор за јавна набавка откако градоначалник стана Златко Марин на локалните избори, оддржани на крајот на 2017 година.

Според податоците од Бирото за јавни набавки, општината пред два дена склучила рамковна спогодба со скопската компанија „Мастеф“ за оддржување и реконструкција на детски и спортски игралишта, во износ од 23,5 милиони денари, односно околу 382 илјади евра.

Во договорот потпишан со управителот на компанијата Спасе Танески се наведува дека општината, врз основа на оваа спогодба, ќе склучува договори со економскиот оператор во врска со предметот на набавката.

Притоа, според спогодбата склучена меѓу двете страни, вредноста на овие договори мора да биде во согласност со утврдените поединечни цени во доставената понуда по спроведената електронска аукција.

„При склучување на оваа Рамковна спогодба, цените кои што ги понудил во понудата се максимални за целото времетраење на Рамковната спогодба. Не се предвидува корекција на цените, односно цените искажани во понудата на најповолниот понудувач ќе бидат фиксни“, се наведува во договорот.

Во текот на минатата 2019 година, општината склучила уште неколку поголеми договори, како на пример, договорот за хортикултурно и партерно уредување на парк Мичурин од 16,5 милиони денари, договорот за набавка и садење на садници од 12 милиони денари, договорот за набавка на училишна облека од 11 милиони денари итн.

Поврзани новости