Породилното ќе трае повеќе од 9 месеци и таткото ќе има право на отсуство од работа, најавува Шахпаска

by fokus

Ќе обезбедиме модерно и ефикасно решение за породилното отсуство, во делот на мајчинството и родителството, во кое и таткото ќе има право за отсуство од работа. Породилното отсуство ќе биде подолго од сега предвидените девет месеци, најави Јагода Шахпаска, министерка за труд и социјална политика, во синоќешната емисија „Економски магазин“, за Алсат ТВ за новиот закон за работни односи како ново системско решение.

Таа нагласи дека за неа како министерка и за Владата од исклучително значење е новиот закон за работни односи да биде усогласен и со работниците и со работодавачите, бидејќи тоа ќе биде дополнителна гаранција за целосна и успешна имплементација.

-Во однос на стравувањата за имплементацијата морам да нагласам дека половина од работата ќе биде завршена доколку партнерите од социјалниот дијалог се договорат како ќе изгледа законот. Во секој случај почитувањето на правата на работниците ќе го гарантираат и казнените одредби што ќе ги предвидиме, како и зајакнатите капацитети на инспекциски служби кои ќе вршат засилен контролен надзор, рече Шахпаска која очекува во јуни да се отвори широка јавна расправа во општеството за новиот системски закон за работни односи.

Таа се осврна и на законското решение недела – ден на неделен одмор, кое наскоро ќе влезе во собраниска процедура и кое обезбедува поголемиот дел од работниците во недела да бидат со семејствата.

-За вработените во дејностите што се неопходни за функционирање на општеството обезбедуваме повисока дневница за 50 проценти, но и слободен ден во текот на неделата, Додека за вработените во трговските центри, кои ќе работат во една смена, се обезбедува за 100 проценти повисока дневница и слободен ден, додека два проценти од годишниот промет правните субјекти од овие трговски центри ќе бидат обврзани да ги уплаќаат во државниот буџет. Тие пари ќе се инвестираат за нови градинки, нагласи Шахпаска.

 

Поврзани новости