Пратеничката од ДОМ, Лилјана Поповска на прес-конференција одговори на невистините и манипулациите изречени од претставник на рударскиот сектор во врска со измените на Законот за минерални суровини.
„Прво, не е точно дека измените се „лоши и неприменливи”. Тие содржат: забрана за цијаниди и сулфурна киселина при лужење и флотација во површински рудници за металични минерални суровини; обврска во техничката документација да стои јасно за какви постапки и хемикалии станува збор; обврска за финансиска гаранција на концесионерот во случај на еколошка катастрофа; и продолжување на роковите за одговор на локалната самоуправа и државните институции на 60, односно 30 дена, наместо сегашните 15 дена. Значи, сите измени се јасни, логични и во насока на заштита на животната средина и здравјето на граѓаните.
Конечно, Македонија е мала за големите амбиции на рударскиот сектор. Не е во ред да се отвораат рудници на секои десет километри“, порача Поповска на денената прес-конференција.