Помилуваниот Бедри Зекири во полуотворено одделение со затворен третман – против него се води постапка за ново кривично дело

by fokus

Помилуваниот осуденик Бедри Зекири припадник на криминалната група „Барон“ казната затвор ја издржува во полуотворено одделение на затворот „Идризово“ со затворен третман група В3, велат од Управата за извршување на санкции за „Фокус“ откако објавивме дека претседателот Стево Пендаровски го помилувал Зекири.

Зекири е новото презиме на Бедри, порано се презиваше Бериша и е дел од новата нарко група „Барон“ која се обидува да воспостави контрола во скопското подземје откако веќе почнаа да се истребуваат лидерите на двете главни групи „Дуќанџик“ и „Беланоца“.

Од Управата објаснуваат дека овој третман осуденото лице го има стекнато со потврда од Кривичен суд каде е евидентирано дека против него не се водат други кривични постапки. Тој дури искористил и викенд отсуство во траење од 3 дена, кое му било законски одобрено по што се вратил навремено во установата.

Сепак до „Идризово“ пстигнала нова потврда од Кривичниот суд и било евидентирано дека Зекири има ново кривично дело, па му ја скратиле викенд погодноста, но сепак се уште издржува казна затвор во полуотворено одделение.

Во дописот од Управата не се објаснува какви точно погодноси и права имаат затворениците во ова полуотворено одделение со затворен третман.

По објавувањето на веста дека Зекири е помилуван од Кабинетот на Пендаровски соопштија дека тој имал поднесено молба за помилување за извршени 2 кривични дела – убиство во обид и учество во тепачка.

-Вкупната затворска казна му е 4 години и 11 месеци. Комисијата за помилување како соведотавно тело на претседателот Пендаровски едногласно му предлага на претседателот да биде помилуван за 6 месеци. Со ова помилување, лицето Бедри Зекири затворската казна ќе ја издржува до 2027 година, рекоа од Кабинетот на Пендаровски.

Од Министерството за правда пак за „Фокус“ тогаш кажаа дека за овој осуденик Министерството дало негативно мислење.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости