Претседателот помилувал член на нарко – картел кој се обидува да го „освои“ подземјето

by fokus

Името на Бедри Зекири се најде меѓу лицата кои ги помилувал претседателот, Стево Пендаровски.

Според одлуката објавена денеска во Службен весник, Зекири делумно се ослободува од понатамошно извршување на неиздржаниот дел од казната затвор, односно казната му се намалува за шест месеци.

Зекири е новото презиме на Бедри, порано се презиваше Бериша и е дел од новата нарко група „Барон“ која се обидува да воспостави контрола во скопското подземје откако веќе почнаа да се истребуваат лидерите на двете главни групи „Дуќанџик“ и „Беланоца“.

За неколку месеци се случија неколку мафијашки убиства. Прво се случи двојното убиство во „Шиша бар“, кога беше убиен Јетон Кривањева – Жила, потоа во Приштина беше убиен Блерим Даци, припадник на групата „Барон“, а во Ханиоти беше убиен Орхан Бајрами-Оки неформалниот лидер на „Дуќанџик“.

За двојното убиство во „Шиша бар“ има двајца осомничени кои се припадници на групата „Барон“ и се наоѓаа во притвор, а Бедри Бериша според непотврдени информации бил поврзан со палењето на возилата на командирите во затворот Идризово каде од неодамна е прогласена кризна состојба со ангажман на АРМ и МВР.

Сепак Бериша најверојатно добил позитивно мислење од директорот на затворот, одобрение од Министерството за правда и помилување од Комисијата на Пендаровски.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости