Одговарајќи на новинарско прашање во врска со новиот предлог-закон за високо образование, министерката за образование и наука, Весна Јаневска обелодени сериозни неправилности во работењето на дел од високообразовните институти, посочувајќи дека еден од нив бил регистриран во простории на обложувалница.
Станува збор за институции што досега имале право да издаваат дипломи признати и во државава и во странство, што, според Јаневска, отвора сериозни прашања за квалитетот и легитимноста на високото образование.
–Најбрутален пример беше кога Комисијата на МОН направи проверки во еден институт, тој беше регистриран во обложувалница, во задниот дел, каде што своите функции требаше да ги врши на две столчиња и на два душека. Ние водиме 34 високообразовни институции во земјава и апсолутно е недозволиво што под превезот на институти се одвиваат други дејности, изјави Јаневска.
Поради констатирани нерегуларности во работењето и непостапување по задолжение за отстранување на истите, Министерството за образование и наука донесе одлука за привремено затворање на 14 приватни научни институти, дел поради неактивност, а дел поради неисполнување на условите за работа.
ИНСТИТУТ ИМАЛ И КАНДИДАТ ЗА ГРАДОНАЧАЛНИК НА ТЕТОВО
Затворен е и Институт за наука, алтернатива, култура и уметност (ИНАКУ) од Скопје, кој бил основан во 2018 година. Овој институт организирал едукативни работилници и остварувал приходи, но и добивка. Во 2024 година остварил добивка од 15.000 евра, а приходите му биле 1,4 милиони денари.
„Институт за одржлив развој и управување со климатски промени МИЛИЕУКОНТАКТ МАКЕДОНИЈА“, институт од Скопје е на листата на затворени субјекти од МОН. Според името, овој институт, отворен во 2015 година, требало да се занимава со истражувања на климатските промени, но, според националната класификација на занимања, тој бил регистриран под шифрата 46.16 или како дејност – посредување во трговија на големо со текстил, облека, крзно, обувки и производи на кожа.
Во Скопје е затворен и Институтот за менаџмент и знаење основан при крајот на 2016 година во населбата Аеродром. Во 2024 година приходувал 1,6 милиони денари, а стекнал и добивка од 200 илјади денари.
Поради констатирани нерегуларности во работењето и непостапување по задолжение за отстранување на истите, МОН донесе одлука за привремено запирање на работата на приватната висока стручна школа – Факултет за бизнис-економија во Скопје, затоа што на Факултетот за бизнис-економија немаше запишани нови студенти во академската 2025-2026 година.
Во Скопје се затворија и Рударски институт, Институт за земјотресно инженерство и климатски промени и Институт за сајбер-безбедност и дигитална форензика.
Првиот функционирал од 2000 година. Според „Company Wall“, овој институт во 2024 година остварил 4,4 милиони денари приход, но годината ја завршил со загуба од 72 илјади денари. Сопственик на Рударски институт од 2024 година е Друштво за енергетика РИ ЕНЕРГОИНСТИТУТ ДООЕЛ Скопје, кое се занимава со изнајмување и управување со сопствен недвижен имот или недвижен имот под закуп.
Институтот за земјотресно инженерство работи од 2020 година и е во сопственост на Завод за испитување материјали и развој на нови технологии Скопје АД Скопје. Институтот остварил над 15 милиони денари приход и успеал да генерира околу 4.000 профит.
Институтот за сајбер-безбедност, регистриран во 2021 година, во моментов е правен субјект во ликвидација.
Во Тетово се затворени три институти: Научен институт при приватен универзитет на ЈИЕ „Институт за апликативни истражувања во бизнис и информатика“, Институт за мода „Фешн дизајн“ од Тетово и Институт за научни истражувања – ЛАОР.
Затворањето на Институтот за научни истражување ЛАОР од Тетово беше шестиот приватен научен институт во низа за кој министерката Весна Јаневска соопшти дека добива клуч на врата. ЛАОР е приватна научна установа, која е регистрирана да се занимава со истражување и експериментален развој во природните, техничките и технолошките науки. Сопственик на институтот е приватна лабораторија за молекуларна дијагностика ЛАОР. Нејзин директор е Вулнет Мурсели, познат како кандидат за градоначалник за Тетово на коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива на изборите во 2021 година.
Во Тетово се затвори и Институтот за мода „Фешн дизајн“ од Џепчиште, кој беше отворен со одлука на владата од 2021 година врз основа на барање од основачот „Училиште за мода Фашион десигн институт ДООЕЛ“ од селото Непроштено, Теарце.
И МЕРКО ОСТАНА БЕЗ ИНСТИТУТИ
Во Струга беа затворени два институти, Институт за европјанистика и меѓународна политика и Институт за економски развој и еколошки менаџмент.
Овие два институти работеле во рамки на Меѓународниот универзитет во Струга и се наоѓаат на иста адреса, во крајбрежната населба Езерски лозја крај Струга. Основани се на 22 јануари 2009 година.
Меѓународниот универзитет во Струга е во сопственост на Еуро Колеџ 2007 ДОО Струга од 2023 година. Сопственици на Еуро Колеџ 2007 ДОО се Армен Кадриу, директор на МУС и Генц Мерко, синот на поранешниот градоначалник на Струга, Рамиз Мерко.
Генц Мерко, најстариот син на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, повеќе не е сопственик на Меѓународниот универзитет Струга, откако целосно му ја препуштил „Еуро Колеџ 2007“ на партнерот Армен Кадриу, исто така бизнисмен од Струга.
Генц и Рамиз Мерко, како и другите возрасни членови на семејството, се најдоа на „црната листа“ на САД. Од тогаш, партнерот Кадриу тврдеше дека е единствен сопственик на универзитетот.
Универзитетот на Кадриу и на Мерко редовно им носи приходи во последните години од околу 750.000 евра годишно и постојана добивка од четврт милион евра.
МУС инаку доби и акредитација за основање на Факултет за здравствени науки, односно за медицински сестри. Од Министерството за образование тогаш рекоа дека одлуката е донесена поради потреба од повеќе здравствени работници во државата и дека факултетот ќе почне со работа од следната академска година.
Целата анализа може да ја прочитате во неделникот „Фокус“:
Пишува: Орце КОСТОВ