Пишува
Стојан АНДОВ
Повод: „Вистинското прашање од Втората светска војна“, Реакција на Љубчо Георгиевски, „ФОКУС“ бр. 939 од 11.10.2013 г.
Претходните текстови од полемиката:
(1) „ВМРО длабоко се пасивизира во времето на НОБ“, колумна на Стојан Андов.
(2) „Илинденците се бореа во НОБ − ВМРО беше со фашистите!“, реaкција на генерал Тодор Атанасовски.
(3) „Вистинското прашање од Втората светска војна“, реакција на Љубчо Георгиевски
(4) „Историјата како гума за џвакање“, реакција на Бошко Нацоски
(5) „Големите сили единствени – обединета Македонија, невозможна“ , реакција на д-р Никола Чингоски
На вжештената политичка сцена во Македонија, во 1941 година, како бележити протагонисти настапија Методи Шаторов–Шарло и Лазар Колишевски. Во нашата историографија, а и во меморијата на македонската политичка мисла, случувањата во тоа време се запаметени како судир меѓу Шарло и Лазо. Затоа е неопходно читателите на „Фокус“ да ги потсетиме на некои основни податоци од животот на едниот и на другиот.
Методи Шаторов-Шарло е роден во Прилеп во 1897 година. По Првата светска војна емигрирал во Бугарија, каде што набргу станал член на БКП. Во 1924 година станал член на Обласниот комитет на БКП за Софија, а во 1927 г. на ЦК БКП. Во 1929 година заминал во СССР и бил вклучен во апаратот на Коминтерната. Во 1934 година, како кадар на Коминтерната, се вратил во Бугарија, каде што е суден од бугарскиот суд во процесот против ВМРО (Обединета). Во 1935 година заминува за Париз, а потоа таму работи за масовно и безбедно префрлање на доброволците во Шпанската републиканска армија. Во ноември 1939 година, неполни два месеца по заклучувањето на пактот Рибентроп–Молотов, по налог на Коминтерната доаѓа во Македонија, а по препорака на КИ и ЦК на КПЈ во средината на 1940 година е поставен за секретар на Покраинскиот комитет на КПЈ за Македонија, што е потврдено и на Покраинската конференција одржана на 8 септември 1940 година. На Петтата конференција на КПЈ во ноември 1940 година е избран за член на ЦК на КПЈ. За некои од активностите на Шарло веќе пишував во минатиот број на „Фокус“.
Лазар Колишевски е роден 1914 година во Свети Николе. Го завршил металското училиште во Крагуевац во 1934 година, а во следната година станал член на КПЈ. Во времето на распаѓањето на Југославија, во 1941 година, Колишевски бил секретар на Окружниот комитет на КПЈ за Крагуевац. Покрај сите сплетки низ кои минал Колишевски, од септември 1941 година тој веќе бил секретар на Покраинскиот комитет на КПЈ за Македонија.
ШАРЛО И ЛАЗО, ДВАЈЦА МАКЕДОНЦИ СОЗРЕАНИ ВО ДВА РАЗЛИЧНИ АМБИЕНТА
Од наведените податоци се гледа дека овие двајца Македонци, поради менливите историски прилики, созревале и се афирмирале во политичкото движење во два различни амбиента. Притоа, треба да се каже дека Шарло е постар од Колишевски 17 години и дека тие двајцата имаат различно искуство во младоста. Во младите години, околностите го довеле Шарло во Бугарија и оттаму почнал неговиот период на комунистичко дејствување. Шарло ги преживеал сите искуства на Коминтерната во периодот кога таа во својата платформа како основна задача ја става борбата против „Версајските неправди“ и повикува на борба против границите на државите воспоставени во Версај. Шарло го доживеал и искуството кога Коминтерната го свртува својот политички курс, ја напушта дотогашната своја платформа за борба против „Версајските неправди“ и зазема енергичен и остар став за борба против фашизмот.
Колишевски стапува во комунистичкото движење и се развива како политички функционер во него токму во моментот кога Коминтерната го прави овој темелен пресврт во својата генерална политичка линија. Во првиот период во дејствувањето на Коминтерната, таа за балканските земји предвидува можност за создавање федерација или конфедерација. Во тие размислувања, расправи и заземање политички ставови, Коминтерната гледа можно решение за македонското прашање преку обединувањето на Македонија со отцепување на деловите што биле во границите на Југославија, Грција и Бугарија, и нејзино рамноправно членување во Балканската федерација. Со промените на Седмиот конгрес во 1934 година, Коминтерната инсистира на зачувување на постојните граници на балканските држави, а решението на македонското прашање го гледа во борбата на македонскиот народ за национална рамноправност во постојните три држави (Југославија, Бугарија, Грција).
Од капитулацијата на Југославија и Грција, сѐ до нападот на Германија врз СССР на 22 јуни 1941 година, државното раководство на СССР со одобрување и без каков било протест гледа на резултатите на Хитлеровата политика на Балканот. Оттаму е и оживувањето на идејата за создавање на Обединета Македонија. Со оглед на фактот што Бугарија во тоа време е Хитлеров сојузник и во тоа својство е вклопена во Хитлеровата политика на Балканот, раководството на БКП препознало можност идејата за Обединета Македонија да ја искористи така што фактор на обединувањето на сите три дела од Македонија да биде Бугарија.
ЛИНИЈАТА НА КОЛИШЕВСКИ ОВОЗМОЖИ МАКЕДОНЦИТЕ ЗА ПРВПАТ ДА СОЗДАДАТ СВОЈА НАЦИОНАЛНА ДРЖАВА
Ако престанеме да расудуваме за судирот меѓу Шарло и Колишевски во 1941 година, мерејќи ги работите од денешното политичко стојалиште на една или на друга партија во Република Македонија во однос на патриотизмот на едниот и другиот протагонист и доследниот придонес на секој од нив во борбата за создавање македонска држава, а наместо тоа вредноста на концептот на едниот и другиот почнеме да ги цениме од аспект на реалниот историски процес што следуваше и низ кој се проверуваа едниот и другиот, т.е. оној што го застапувал Шарло и оној за кој се борел Колишевски, ќе дојдеме до објективно согледување на значењето и исходот на борбата меѓу македонските комунисти во 1941 година.
Пресвртни моменти во тој процес се нападот на Хитлер врз СССР, донесувањето на Атлантската повелба, приклучувањето на СССР кон неа и влегувањето на САД во војната против фашизмот на 7 декември 1941 година. Да сме имале несреќа во 1941 година победа да однел Методи Шаторов-Шарло, тогаш во Македонија ќе немаше антифашистичка борба или ќе ја имаше како онаа што ја имаше во Бугарија. Антифашистичката борба во Југославија, партизанското движење и народноослободителната војска на Тито, ја претворија Југославија во силен антифашистички фактор и во рамноправен сојузник на антифашистичката алијанса.
Ако се остварела линијата на Шарло, Македонија, откачена од Југославија и приклучена на Бугарија, на крајот на војната ќе ја доживееше судбината на победена земја, бивш сојузник на Хитлер. Бидејќи, врз основа на Атлантската повелба, територијата на некогашна југословенска Македонија пак ќе ѝ беше одземена на Бугарија и ќе беше припоена кон Југославија, во повоена Југославија Македонците ќе беа со наведната глава и без право на своја држава, бидејќи новата југословенска држава беше поставена врз основа на борбата на нејзините народи против фашизмот.
Од аспект на основните национални интереси на Македонците и државните интереси на денешна Република Македонија, може да се оцени дека линијата на Шарло го водеше македонскиот народ во нова национална трагедија, а линијата на Колишевски овозможи Македонците за првпат да создадат своја национална држава во рамките на новата Југославија.
Колишевски успеа во својата линија бидејќи новите генерации Македонци, со кои само делумно можеше да се поврзе и да ги разбере Шарло, се определија за антифашистичка борба токму затоа што на тој начин можеа да создадат своја држава и во тоа успеаја.
Љубчо Георгиевски ја споменува изјавата на Душан Чкребиќ. Треба да се каже дека меѓу големосрпските националисти, кои ги имаше, иако во мал број, и меѓу српските комунисти, видлива беше тенденцијата за омаловажување на значењето на народноослободителната и антифашистичка борба на македонскиот народ. Душан Чкребиќ таа изјава ја даде откако се покажа дека тој застана на страната на големосрпскиот национализам, безрезервно поддржувајќи го Милошевиќ на Осмата седница на ЦК на СКС во септември 1987 година.
КАКОВ ТЕМПО, КАКОВ БЛГАРАНОВ − ТУКУ БОРБАТА НА МАКЕДОНСКИТЕ КОМУНИСТИ ЗА МАКЕДОНСКА ДРЖАВА
Темпо е делегат на Врховниот штаб на Југославија. Во Македонија доаѓа по налог од Тито. Иако Темпо има важен придонес во народноослободителната борба на народите на Југославија, во неговите искажувања има доста самофалби. Тоа се однесува и за неговите оцени за босанските комунисти, и за македонските комунисти. Во Македонија тој е склон секое поинакво мислење од неговото брзо да го растолкува како бугарашење или кукавичлак. Тие избрзувања дојдоа до израз и кога Темпо ја објави намерата за создавање на Балкански штаб за координација и соработка на антифашистичките движења на Југославија, преку Македонија, Албанија, Грција, Бугарија. Таа негова изјава Тито јавно ја демантираше.
Инаку, практиката на испраќање делегати не е користена само во Македонија и не е користена само од КПЈ. Пред Темпо, во Македонија беше делегат од БРП, Бојан Блгаранов, кој во Македонија остана сѐ до пред капитулацијата на Бугарија. Како тоа македонските комунисти да не ја прифатат линијата на Блгаранов дури и кога им ветуваше Обединета Македонија, а да се приклонат кон линијата на Тито и Колишевски, иако за цело време Колишевски е во затвор во Бугарија? Значи, не биле решавачки дејствувањата на делегатите, туку решавачка била определеноста на македонските комунисти за антифашистичката борба и нивното убедување дека само на тој начин може да создадат ниту српска, ниту бугарска, туку своја македонска држава, со сите државни институции, што на крајот се покажа точно.
Според наведените факти, може да се заклучи дека генерацијата млади луѓе, пред сѐ комунисти, што созреала до 1941 година, Шарло не ја разбрал и со својата линија ја попречувал да застане во одбрана на македонските национални интереси. Поради неговото искуство од едно сосема друго време, дури и искрениот македонски патриот Шарло не ги разбрал вистинските национални интереси на македонскиот народ и начинот на нивното остварување.
Шарло е пример како и македонскиот патриот може да ѝ нанесе удар на сопствената нација и како патриотизмот, ако лошо се спроведува, може да ја доведе сопствената нација и држава до катастрофа. Колишевски, кој во тоа време припаѓа на новата генерација, определувајќи се за курсот на Тито, успева да ја артикулира вистинската национална свест на македонските генерации во правец на отфрлање на линијата на Шарло и за активна и масовна антифашистичка борба.