Битолската полиција работи со полна пареа, обидувајќи се да сослуша што повеќе учесници од Шарената револуција. На распит деновиве се повикани повеќемина битолчани, од водачи на протести, учесници во улични герили, па до демонстранти од задните редови.
Од СВР Битола официјално не откриваат колкав е бројот на сослушани учесници во Шарената револуција, а голем дел повиканите пак, тврдат дека само денес на информативен разговор биле над 40 демонстранти.
Битолчаните кои седнаа на сослушувачкото столче велат дека биле испрашувани за боењето на општинската зграда, судот, споменикот Филип Втори и киното Манаки.
Сослушани беа и дел од герилците во Битола, кои изминативе два месеца го привлекоа вниманието со нивните акции и перфоманси за време на протестите. На распит беше и битолчанецот Иван Чулаковски кој пред еден месец фрлаше „владимирки” врз градоначалникот Владимир Талески.
Меѓу сослушаните денес се и поранешните водачи на земјоделците Душко Илиевски, познат како водач на фармерите кои во 2010 година кои протестираа барајќи си ги неисплатените пари за млекото од шведската млекарница „Сведмилк“, а и Кире Неделковски, водачот на тутунарските протести од 2011 година.И двајцата биле испрашувани за боењето на општинската зграда и споменици во градот.
Сепак, битолчани порачаа дека распитот во полиција нема да ги исплаши и потсетија дека и вечерва, како и секој ден, во 19 часот ќе излезат на протест.