За време на викендот СВР Велес добил пријава за нарушен јавен ред и мир помеѓу малолетници и вработени во болницата во Кавадарци.
Настанот се случувал во дворното место на ЈЗУ Општа болница Кавадарци, во 00.20 часот, каде полициските службеници затекнале повеќе малолетни лица и двајца вработени во болницата, потврдија за ,,Фокус” од СВР Велес, додавајќи дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Но, во тек на вчерашниот ден на социјалните мрежи беше објавено и видео, најверојатно снимено од малолетниците кои пред болницата се расправаа, а во еден момент дојде и до турканица помеѓу нив и вработени лица.
Околу тоа што точно се случувало и која била причината за немилиот настан, каде се слуша како еден од вработените ги брка насобраните малолетници со зборовите дека тоа не е панаѓур, туку болница, директорот на болницата д-р Диме Коцев, за ,,Фокус” вели дека МВР работи на расчистување на случајот, а во болницата веќе биле покренати дисциплински постапки за две вработени лица.
„Веќе се разговараше со лицата вклучени во немилиот настан, и покренати се дисциплински постапки. По земање на изјави од вклучените во настанот ќе следат соодветни дисциплински мерки. Сакам да потенцирам дека повреденото момче кое било донесено во болницата од страна на лицата кои учествуваат во расправата со вработените, е во добра состојба, пуштено е на домашно лекување. Уште веднаш му била пружена здравствена нега според сите медицински протоколи и во тој дел нема никаков пропуст. Исто така, осудуваме секаков вид на насилство, без разлика дали е вербално или физичко, и без разлика од која страна доаѓа, дали од персонал или од пациенти и нивни блиски. Наша примарна цел е грижата за пациентите“, појаснува директорот.
Вработени во болницата за ,,Фокус” раскажуваат дека посебно за викенд, чести се ваквите случаи, кога поради малолетник кој се повредил, или пак е под дејство на алкохол, доаѓаат цели групи на деца во болницата. Имало и случаи кога по настаната сообраќајка, иако пациентот е згрижен, доаѓале негови другари, се случувало и дел од тие кои тие кои доаѓаат како придружба на повредено лице да бидат под дејство на алкохол, па и да започнат расправија со медицинскиот персонал.
Апелираат во иднина да нема вакви немили настани, бидејќи секој пациент ја добива потребната нега, и нема потреба од присуство на десетици пријатели внатре во болничките ходници, затоа што здравствените работници совесно си ја извршуваат својата работа и сите пациенти добиваат соодветна здравствена заштита.
Вики Клинчарова