Починатото бебе од Прилеп имало бактерија Ешерихија коли во дишните патишта, информираат од Детска клиника

by Fokus

Во дишните патишта кај бебето од Прилеп кое почина вчера на Детската клиника во Скопје имало бактерија Ешерихија коли, вели за „Макфакс“ директорката на клиниката, Стојка Нацева –Фуштиќ.

Таа вели дека бебето ги имало двата најголеми индикатори на сепса, за која вели дека не може ниту да се претпостави каков замав ќе земе.

Бебето од Прилеп било примено на Детска клиника на петти ноември, во лоша состојба, млитаво, со нарушена свест и со повремени прекини во дишењето, информираат од Клиниката.

„Бебето кај нас беше примено со висок прокалцитонин, кој е маркер за воспалителни процеси во телото и еден од индикаторите за рана неонатална сепса. Исто така беше утврдена и нарушена коагулација, во сите испитувани времиња коагулацијата на крвта беше нарушена, што исто така е индикатор за сепса. Од дишните патишта на бебето беше изолирана бактерија Ешерихија коли која се смета за еден од најчестите причинители на сепса, но бактеријата не беше потврдена во хемокултурата. Имаме два наода на хемокултура кои се негативни, но треба да имаме предвид дека бебето веќе беше на антибиотска терапија. Состојбата му се влошуваше, му откажаа бубрезите, имаше попрогресивен тек на болеста, нешто што не може да се предвиди каков замав ќе земе, а исходот беше летален, седум дена по приемот кај нас“, изјавила директорката Нацева–Фуштиќ.

Мајката на бебето на социјалните мрежи сподели сомневања во лекарите за кои вели дека прво почнале да ја подготвуваат да си замине дома по породувањето, заедно со бебето, но за кусо време и кажале дека мора да ги задржат дополнително со објаснување дека бебето има жолтица.

Таа раскажа дека и кажале дека родила здраво бебе кое во првата минута од животот ги добило највисоките оценки, АПГАР 10, и никој не ја известил за некаков проблем.

Нацева–Фуштиќ смета дека се работи за рана неонатална сепса предизвикана при породувањето.

„Индикаторите за сепса ние ги откривме уште третиот ден по раѓањето, кога бебето беше донесено кај нас. Такви инфекции се појавуваат за време на породувањето кога бебето минува низ родилните патишта или пак при предвремено пукање на водениот меур. Во случаи кога инфекцијата е пренесена од персоналот, индикаторите за сепса се јавуваат подоцна, на седмиот ден и ова е податок кој секој педијатар го знае, но секако во болницата во Прилеп веќе се прават анализи“, вели директорката на Детска клиника.

Поврзани новости