Почина хуманата фризерка Маре која со години правеше бесплатни фризури на матурантки од социјално загрозени семејства

by Fokus

Бројни пријатели и клиенти на струмичката фризерка Маре Поп Зафирова денес се простуваат со неа на социјалните мрежи, откако ја изгуби битката со тешката болест во својата 52-ра година од животот. Маре ја познаваа сите во Струмица, бидејќи работеше како фризерка повеќе од 30 години, а пред десеттина години беше помеѓу првите во земјава која започна да прави бесплатни фризури на матурантки од социјално загрозени семејства.

Веста за хуманата фризерка тогаш се прочу, а во интервју за „Фокус“ таа раскажа како дошла до идејата да им ја разубави матурската забава на голем број на девојки од Струмица и околината.

Во тогашното интервју таа откри дека растела со самохрана мајка и двајца браќа и добро и било познато чувството како е да немаш. Токму поради тоа, сакала да даде свој придонес, сите матуранти да се чувствуваат посебно за матурската забава, која е важен настан во нивниот живот.

– Дојде едно девојче во салонот и ме праша колку чини фризурата која што ја посакувала за матурската вечер. И ја кажав цената, и беше некако незгодно, се гледаше дека нема доволно пари. Едвај некако засрамено ме замоли дали може да и намалам цена. Ми се скрши срцето, многу се растажив…

Го погледнав девојчето, целото збунето, и му реков дека бесплатно ќе му направам фризура. Не му се веруваше, но многу се израдува. Сфатив дека тоа не е единственото девојче во таква состојба, па затоа на мојот Фејсбук профил објавив дека матуранти од социјално загрозени семејства можат да дојдат и да закажат бесплатна фризура за забавата кај мене.
Се работи за три дена, колку што е одржувањето на матурските, и можам без проблем да направам околу 25 фризури во тој период. Ги охрабрувам матурантите да ме побараат – ни раскажа таа пред повеќе години.

Струмичани ја опишуваат на само како хумана, туку и како доста позитивна и храбра жена, која зад себе оставила добри дела и убави спомени.

Вики Клинчарова

Поврзани новости