Почина бизнисменот Адем Кочан

by fokus

По подолго боледување почина бизнисменот Адем Кочан, соопшти денеска неговото семејство.  Кочан беше еден од основачите на Сојузот на стопански комори на Македонија, како пионер на приватната стопанска иницијатива и бизнис. Добитник е и на други признанија за иницијативност, инвентивност, претприемништво.

Со длабока тага во срцата ве известуваме дека денес по подолго боледување почина нашиот сопруг, брат, син, татко и дедо Адем Кочан. Полн со живот и енергија која ги допираше сите кои го знаеа, Адем последната битка ја биеше тивко.Така и замина, опкружен со љубовта од најблиските. Нашата тага  денес е единствено надмината од гордоста на него и животот кој го остави во секој од нас. На неговото последно патување ќе го испратиме утре на 10ти Ноември во 13.30 во Џамијата во Бутел 1, а погребот ќе се одржи на градските гробишта во Бутел во 14.30, информира семејството.

Роден е во 1955 година, во Рожаје, Црна Гора. Со неговото семејство се преселиле во Скопје, каде завршил основно и средно образование, како и Економски факултет. По дипломирањето почнува да работи во тогашната Служба за општествено книговодство како финансиски инспектор. Во 1990 година ја отвора фирмата „Канет-компани” која што се занимава со консалтинг и книговодствени услуги. Веќе од првите години се покажува како успешен бизнисмен по што следи и развојот на фирмата и ширењето на дејноста во областите на земјоделството, градежништво, угостителство…

За својата работа добивал и бројни признанија. Во 2009 година неговото претпријатие „Агро Канет” беше прогласено за најуспешно во изборот на Македонската развојна фондација за претпријатија. Во 2017 година во Сараево го доби признанието за „Најменаџер на регионот”

Поврзани новости