По пропаѓањето на банките – страв од финансиска криза како во 2008

by fokus

Депонентите ги повлекоа заштедите, а инвеститорите нашироко ги продадоа банкарските акции, иако федералната влада побрза да ги увери Американците оти банкарскиот систем е безбеден по пропаѓањето на двете банки. Ова ги поттикнаа стравувањата дека може да паднат повеќе финансиски институции, јавува Гласот на Америка.

Претседателот Џо Бајден инсистираше на тоа дека системот е безбеден откако пропаѓањето на втората и третата најголема банка во историјата на државата се случија во рок од 48 часа.

Како одговор на кризата, регулаторите ги гарантираа сите депозити во двете банки и создадоа програма која ефективно им дава спас на другите банки за заштита на депозитите.

„Вашите депозити ќе бидат таму кога ќе ви бидат потребни“, ѝ рече Бајден на јавноста, во обид да создаде смиреност.

Тој, исто така, рече дека банкарските директори одговорни за пропаѓањето ќе бидат повикани на одговорност.

Федералните резерви, пак, објавија дека ќе ја преиспитаат својата супервизија на банката на Силиконската долина.

„Треба да спроведеме внимателен и темелен преглед на тоа како ја надгледувавме и регулиравме оваа фирма и што треба да научиме од ова искуство“, рече Мајкл Бар, потпретседател за надзор на Федералните резерви.

Регулаторите ја затворија банката во петокот, откако штедачите побрзаа да ги повлечат своите средства одеднаш. Единствениот поголем неуспех во историјата на банкарството на САД беше колапсот на Вашингтон Мјутуел во 2008 година.

Signature Bank со седиште во Њујорк беше запленета од регулаторите доцна во неделата.

Во двата случаи, владата се согласи да ги покрие депозитите, дури и оние што ја надминуваат федерално осигурената граница од 250.000 долари.

Поврзани новости