По нападот на Хамас врз Израел, ЕУ со предупредување за Цукерберг

by Fokus

Марк Цукерберг е предупреден од Европската унија за ширење „дезинформации“ на социјалните мрежи на Мета по нападот на Хамас врз Израел.

На Мета, која е сопственик на Фејсбук и Инстаграм, и беше кажано дека „има 24 часа“ да одговори и да се усогласи со европските закони.

Компаниите за социјални медиуми забележаа пораст на дезинформации за конфликтот, вклучувајќи лажни слики и погрешно означени видеа.

Во вторникот, ЕУ го предупреди X, порано познат како Твитер, за иста таква содржина.

Претставникот на Европската комисија, Тиери Бретон, за Мета изјави дека мора да докаже дека презеле „навремена, вредна и објективна акција“.

Во писмото, тој рече дека компанијата има 24 часа да го информира за „пропорционалните и ефективни“ мерки што ги презела за да го спречи ширењето на дезинформации на нејзините платформи.

Портпаролот на Мета изјави за Би-Би-Си дека по нападот на Хамас врз Израел во саботата, тие брзо формирале центар за специјални операции со експерти, вклучително и течно говорни хебрејски и арапски, за внимателно следење и одговор на оваа ситуација која брзо се развива.

– Нашите тимови работат деноноќно за да ги зачуваат нашите платформи безбедни, да преземат акција за содржината што ги прекршува нашите правила или локални закони и да се координира со трети лица кои вршат проверка на фактите во регионот за да го ограничат ширењето на дезинформации. Ќе продолжиме со оваа работа додека се развива овој конфликт – рече тој.

Во меѓувреме, Европската комисија ги потсети сите компании за социјални медиуми дека се законски обврзани да спречат ширење на штетни содржини поврзани со милитантната група Хамас, која е забранета терористичка група во ЕУ.

„Содржините што циркулираат на Интернет што можат да бидат поврзани со Хамас се квалификуваат како терористички содржини, се нелегални и треба да бидат отстранети според Законот за дигитални услуги и Регулативата за интернет терористичка содржина“, изјави портпаролот на Комисијата, пренесе Би-би-си.

Поврзани новости